Гасот да се стави во Уставот, па ќе добиеме датум за негово влегување по домовите?

Се сеќавате ли колку ветувања (низ минативе неколку години) добивме од разни страни дека Скопје ќе биде гасифициран? И? 

Скопје е опкружено со гасоводни цевки, но гасот по домаќинствата, а и во дел од индустријата го нема. Така е веќе со години.

Градот секоја година е со загаден воздух заради греење на дрвја, на мазут. Постојано се зборува дека спасот е во гасификацијата, дека таа ќе го намали загадувањето, дека греењето ќе биде поевтино. До каде е реализацијата?

Се ветуваа и проекти за доведување на гасот до секој дом, се најавуваа субвенции за граѓаните од Владата, Градот Скопје, скопските општини  за да воведат гасни инсталации по домовите… но се уште ништо. Пред четити години тогашниот скопски градоначалник Петре Шилегов најавуваше дека многу брзо ќе се случи гасот да почне да стасува до домаќинствата.

-Во текот на минатата година ја завршивме секундарната мрежа, односно гасоводниот прстен околу Скопје. Со цевката го преминавме дури и Вардар, од Карпош 4 кон Влае. Ова за мене е еден од поголемите потфати, зашто зборуваме за енергетска стратегија за нашиот град, нешто што со години наназад го немавме и сега живееме со последиците. За нас како град сега е многу битно да влеземе во процесот на терцијална гасификација, односно, достапност на гасот до домаќинствата, изјави Шилегов во 2019 година.

И неговата наследничка Данела Арсовска во својата кампања ветуваше гасификација.

-Во мојата програма има системски решенија за секундарната и терциерната мрежа на гасификација. Има и начин како тоа да се направи. Јас имам еден цел тим експерти кој работи на оваа проблематика и последниве денови ќе го презентираме тоа како цел проект којшто ќе можат граѓаните да го видат, изјавуваше Арсовска во кампањата во 2021 година.

Што од ветеното е сработено? Гасот е стасан до Скопје, но не се гледа на теренот дека се прави внатрешната мрежа.

Дали скопските градоначалници решија ова прашање да и го препуштат на Владата? Таа уште пред неколку години најави дека планира да склучи договор со приватни компании коишто би ја правеле и би стопанисувале со гасоводната мрежа по општините. Пре две години две турски фирми влегоа во најтесен избор, но конечната одлука се уште не е донесена. Во 2021 година Владата донесе одлука за одложување на изборот на фирмата која ќе ја добие оваа зделка во траење од 35 години.

Сега што се чека? Гасот да се стави во Уставот, па потоа ќе го добиеме датумот кога ќе ни дојде по домовите?

Претходна вестМалку познатата Џејми Герц е најбогатата актерка во светот, нејзиното богатство изнесува 8 милијарди евра
Следна вестЛевица: Државата во која има недостиг на возила за брза помош, ќе плати милион евра за возење на дипломати