Гази Баба воведува патроли на дивата депонија Вардариште, бара и Градот Скопје да го реши проблемот со неа

Со вонредни теренски еколошки патроли од вчера попладне започна скопската општина Гази Баба на подрачјето на дивата депонија Вардариште. До ова доаѓа откако деновиве голем број на граѓани, посебно од населбата Ново Лисиче, се жалеа на големо загадување на воздухот поради палење на отпад од страна на непознати лица.

Градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски објави дека реакциите на граѓаните за загадување на амбиенталниот воздух како последица од недозволени дејствија на поединци се оправдани.

-Го задолжив Секторот за инспекциски работи почнувајќи од денес па во следниот период да спроведува теренски контроли секој ден во две смени. – Испратив писмено барање до градот Скопје под чија директна надлежност е дивата депонија Вардариште за постапување на градските инспекциски служби во санкционирање на лицата кои вршат спалување на разни видови отпад, објави Стефковски на својот профил на Фејсбук.

Тој потенцира дека е потребно Градот Скопје итно да превземе чекори за конечно решавање на проблемот со депонијата Вардариште.

-А до тој момент неопходно е нејзино физичко затварање, преку затварање на сите пристапни патишта , 24 часовна контрола од МВР и инспекцијата на Град Скопје. Утврдени се неколку критични точки на кои несовесните граѓани го вршат спалувањето и на истите ќе има редовна контрола. Општината во соработка со надлежни институции ќе го санкционира секој сторител на вакво или слично дело со кое го загрозува животот и здравјето на граѓаните!, потенцира Стефковски.

Претходна вестПочнуваат чествувањата за Илинден и 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република
Следна вестВо Сенатот на САД предложена резолуција со која ќе се слави јазикот, историјата и културата на македонските Американци