Гевгелискиот Совет бара разрешување на директорката на градинката „Детска радост“

Заклучок со кој се бара разрешување на директорката на градинката „Детска Радост“, како и враќање на надлежностите над оваа градинка на градоначалникот и на Советот, донесе Советот на општина Гевгелија. Барањето до МТСП се однесува на случајот со повреденото 10-месечно дете во оваа детска градинка.

– Со одлука на Советот на Општина Гевгелија, кој е основач на детската градинка „Детска Радост”, до Министерството за труд и социјална политика испратен е заклучок со препорака МТСП да ја разреши директорката на ЈОУДГ „Детска Радост” – Гевгелија од функцијата директор, поради нестручно и несовесно работење. Истата се обиде да го прикрие инцидентот, наместо веднаш да ги суспендира одговорните за инцидентот на 22.11.2022 година, а министерот за труд и социјална политика да ја врати надлежноста на Советот на Општина Гевгелија и градоначалникот на Општина Гевгелија во делот за донесување на годишна завршна сметка на ЈОУДГ “Детска Радост” – Гевгелија, одземени со решение бр.16-3102/1 од 07.04.2022 година, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, чиј член е градоначалникот на оваа Општина.

Со препораките, се бара и министерот за труд и социјална политика да ја врати надлежноста на градоначалникот на Општина Гевгелија во делот за избор на кандидат предложен од Управниот одбор за директор на ЈОУДГ “Детска Радост” – Гевгелија, одземени со решение ИП1 16-4733/3 од 27.06.2022 година, како и надлежноста на Советот на Општина Гевгелија во делот за именување и разрешување на претставници од родители на деца згрижени во ЈОУДГ „Детска Радост“ – Гевгелија во Управниот Одбор на ЈОУДГ „Детска Радост“ – Гевгелија, одземени со решение ИП1 16-559/3 од 01.11.2022 година.

– Овој заклучок со препораки произлезе од дискусијата на Членовите на Советот на Општина Гевгелија со која се констатираше дека во градинката “Детска Радост” во Гевгелија во континуитет се случуваат инциденти, а никој досега не сноси одговорност за нив. Исто така извештајот од инспекторатот при МТСП е неприфатлив во ваква форма за советниците, се вели во соопштението.

Претходна вестИсториските комисисти бараат одговорно информирање, а дали тие се одговорни пред јавноста?
Следна вестВоз прегази маж на пругата Битола – Скопје