Ги чекавме кинеските, ќе ги добиеме „Фајзер“

Министерството за здравство денеска ја објави динамиката по која компанијата „Фајзер“ ќе ги доставува вакцините – вкупно 800 280, според директниот договор за набавка.

Претходно денеска премиерот Зоран Заев објави дека долгоочекуваниот договор со американската компанија е стигнат.

Според планот, испораката на вакцините ќе биде во текот на цела 2021 година, во 4 квартали, а првите 21060 дози ќе стигнат кон крајот на март.

Вакцините на „Фајзер-Бионтек“ се спакувани во вијали со по 6 дози, се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои 5 дена, а растворена може да се чува 6 часа.

Вакцината од овој производител не е непозната за нас, бидејќи таа е засега и единствената со која се врши имунизација во земјава, добиена од Србија.

Имунизацијата која почна минатиот месец е за медицинскиот персонал во ковид-центрите, вработените во лабораториите и матичните лекари, како и некои стоматолози, а во првата фаза се и повозрасните и хронично болните.

До вчера, вакцинирани беа 2.860 здравствени работници, а за вакцинација преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ досега се пријавиле 72.400 граѓани и 46.810 преку матичен лекар.

Претходна вестПовторно висок број новопримени пациенти со ковид во болниците во Скопје
Следна вестБитката со ковид одзеде уште 9 животи: Нови 721 заразени, од кои половината се во Скопје