Ги чуваме флаерите со кои ни ветуваа гасификација во Скопје како доказ за незавршена работа

Сега ништо не се прави со гасоводот во Бутел и јас ни 0,5 проценти не верувам дека воопшто нешто ќе се направи до крајот на мандатот на градоначалникот, вели Вељко Црничиќ од Бутел.

„Итна гасификација“, „Гас до секој дом“, „Гасот ќе го намали загадувањето“, „Клучен проект“… сето ова беа ветувања кои скопјани ги изнаслушаа на локалните избори пред скоро две години. За да бидат уверливи, скопскиот градоначалник како и општинските градоначалници си поставија дури и рокови за завршувањето на проектот: во 2018 година, нешто во 2019, а останатото во 2020 година… Се чинеше дека скопјани конечно ќе добијат ефтина енергија, а градот ќе се спаси од загадувањето. Но, на терен, по населбите кои што не се приклучени на парно греење и каде граѓаните се најмногу заинтересирани да добијат приклучок за гас, нема ни трага од гасоводни цевки.

Зимава која само што помина тие повторно ја протуркаа со греење на печки на дрва, на струја… Уште една испуштена грејна сезона. Дали ќе биде така и за наредната зима? Како што се движат работите околу гасификацијата во градот, по се изгледа, овие домаќинства пак ќе се греат на ист начин.

-Не верувам дека гасот брзо ќе дојде како што ни ветуваа. За мене тоа е прифатлив начин на греење но проблем е што кај нас не се реализира она што е ветено. Еве, на пример веќе три години чекам да се донесе Детален урбанистички план за мојата четврт „Мите Богоевски“ во населбата Лисиче за да можам да градам куќа. Но, ДУП-от никако да се донесе. На општината не и се брза да зема 15.000 евра за комуналии. Затоа, не очекувам дека и гасот ќе стаса. Сега го продавам плацот, ни рече Зоран Георгиев од скопската населба Лисиче која е дел од општина Аеродром.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во својата изборна програма беше категоричен дека примарната гасоводна мрежа во западниот дел од градот ќе биде доизградена, а дека „приоритетно ќе се гради секундарната мрежа“ за населбите кои не се поврзани со централниот топлификациски систем. Лани, тој најави дека гасификацијата започнува кон крајот на годината. Во градот само околу 17 отсто од домаќинствата се приклучени на топловодниот систем. Останатите се снаоѓаат на различни начини. Пред десетина години околу градот е направен најголемиот дел од главниот гасоводен вод од Бугарија, но тука и се застана. Досега се приклучени само неколку скопски училишта, Клинички центар и некои други објекти.

Актуелниот градоначалник на Аеродром Златко Марин, пак, во својата кампања на граѓаните им гарантираше дека гасот ќе стаса до нивните домови. Во негова изборна програма е прецизно наведено дека тоа ќе се случи во период од 2018 до 2020-та година.

-Поволноста од овој проект за гасификација на општината е поврзана, пред сè, со близината на гасоводната мрежа лоцирана во близина на Драчево, пишува во изборната програма на Марин кој досега не ја искористи оваа поволност.

На теренот таму нема ниту трага од градежните активности за изградба на гасоводот. Така е и во општина Кисела Вода чиј градоначалник Филип Темелковски на сограѓаните им ветил дека гасот ќе го добијат до 2021-ва година. И тој ветуваше дека гасификацијата му е клучен проект со кој ќе се намалат месечните сметки на жителите и загадувањето на воздухот. Во Гази Баба актуелниот градоначалник Борис Георгиевски дури наведе дека процесот на гасификацијата ќе стартува уште од 2017 – та година и дека ќе заврши до 2021-ва, и дека од буџетот на општината за оваа намена секоја година ќе се обезбедуваат околу 1,4 милиони евра. Но, и таму досега не се поставија барем неколку гасоводни цевки.

Гасот во населбата Бутел 1 уште го чека и граѓаниноит Вељко Црничиќ, кој живее на улицата „Марко Крале“ број 24.

-Уште ги чувам флаерите со изборните ветувања на градоначалникот Велимир Смилевски. Тој ни ветуваше, гарантираше дека ќе се грееме на гас, но се уште ништо од тоа. Јас веднаш би се приклучил, но треба да се направи мрежата. Сега ништо не се прави и јас ни 0,5 проценти не верувам дека воопшто нешто ќе се направи до крајот на мандатот. Ни ветија и канализација дека ќе направат, но и таа не се прави. Гасоводната мрежа би можела да се направи бидејќи цевка има кај бараките на старата општина Бутел, а од таму до нашата улица нема ниту еден километар. Но, не се прави уште, ни вели Црничиќ кој е еден од бројните жители кој не е приклучен на парно греење туку се грее на плинска собна печка….

Целиот текст можете да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО