Ги нападнал полицајците со боксирач, не се двоел од украденото „БМВ“

Покренато обвинение против дрзок и насилен разбојник. Имено, скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 29-годишен скопјанец, кој украл „БМВ“, а потоа физички ги нападнал полицајците кои реагирале во врска со кражбта.

Од обвинителството објаснуваат дека разбојникот делата ги сторил на 21 јули кога забележал две лица како го паркираат нивното возило „бмв Х5“ наспроти трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје по што го напуштиле паркингот. Обвинетиот веднаш со алат ја отклучил заклучената врата на возилото и заедно со уште едно, засега непознато женско лице, го стартувал возилото и почнал да се движи но на првата крстосница бил забележан од сопственикот на возилото. Оштетените почнале да трчаат по него, го престигнале и се обиделе да го сопрат крадецот. Но, сето тоа било безуспешно, па органите на редот почнале мерки за пронаоѓање на автомобилот.

Наскоро полицијата дознала дека обвинетиот заедно со украденото возило се наоѓа во населбата Маџари, па двајца полицајци со службено возило „шкода јети“ и вклучени ротациски светла се упатиле кон него. Го пресретнале, го сопреле возилото и се обиделе да го извадат обвинетиот надвор. При тоа разбојникот најпрвин со „БМВ-то“ удрил во полициското возило за потоа и физички со боксирач со бодеж ги нападнал двајцата полицајци. Во акцијата за совладување на разбојникот се приклучил уште еден полицаец по што тој бил приведен.

Скопјанецот се товари дека сторил две кривични дела – тешка кражба и напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста. Надлежен јавен обвинител до судот поднел посебен предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот.