Ги нема странските инвеститори, не знаат дека веќе 3 години сме во НАТО?

Пред 31 година токму на денешен ден од Македонија си замина и последниот војник на ЈНА. Пред три години токму на овој ден Македонија стана членка на воениот сојуз – НАТО. Ова второто денеска со разни манифестации ќе се прославува.

Тригодишнината од членството во НАТО ќе се одбележи и со неколку показни вежби и активности на армијата, вклучувајќи прелет на сојузнички воздухоплови. Нормално, државниот врв ќе оддржи говори.

Да потсетиме, Македонија мораше да плати прескапа и понижувачка цена – да си го смени името за да влезе во воениот сојуз. Ама властите тогаш објаснија – една од придобивките кои ќе и се случат на земјава по влезот во НАТО е дека на нашите граници ќе се слеат многу странски инвеститори. Ќе почнат да ни отвораат нови работни места.

Еве поминаа три години, реката на инвеститори не потече. Дали тие уште не слушнале дека ние седиме на столчето во најсилниот воен сојуз?

Ако се погледнат статистичките подароци за инвестиции во регионот, тие се највисоки во Србија. Како е можно, па таа не сака да влезе во НАТО? Пред нас е дури и помалата Црна Гора која е во НАТО.

– Со НАТО ќе донесеме рекорден број странски инвестиции, изјави предминатата година тогашната вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

И?

Да потсетиме, власта кога виде дека не доаѓаат инвеститорите ни објасни дека требало да имаме и одржан попис, па тогаш ќе се инвестирало во Македонија. Еве одамна и пописот заврши, па и пандемијата ја снема…

Што следно ќе ни објаснат дека е причина што нема инвестиции во доволен број? Дека ќе дојдат ако го смениме Уставот?

А, да не е проблемот до политичарите? Да не е проблемот до состојбите во општеството каде има многу корупција, незадоволително добро судство, недостаток на добра инфраструктура…?

Се чини друго треба да се смени за да има инвестиции, а не име на држава, устав…

Претходна вестНапад врз телевизијата „Топ канал“, убиено едно лице
Следна вестНагло опаѓа вредноста на Твитер, сега вреди помалку од 20 милијарди долари