Ги нема ветените нови сообраќајници, но барем да направат неколку кружни текови

Менувањето на горниот слој на асфалтот на неколкуте улици во центарот на градот кое трае веќе со недели беше доволно да го зголеми и онака големиот хаос во сообраќајот во градот. Колони возила, чекање десетици минути лазејчи со возилото, нервози, доцнења… повторно потсетија дека големите проблеми со сообраќајот во Скопје се присутни, а не се решаваат. Скопјани се уште ги чекаат капиталните сообраќајни проекти кои им беа ветени пред две години. Се чека на тунелот под Кале, се чека на продолжување на „Илинденска“ и нов мост кон Ѓорче Петров, се чека на проширување на булеварот „Александар Македонски“, продолжување на „Љубљанска“, поврзување на Аеродром и Кисела Вода преку пругата, продолжување на „Словенечка“, спуштена крстосница кај „Мавровка“… Но, за овие важни проекти се уште нема најави кога ќе се градат. Градбата на втората лента на булаварот „АСНОМ“ и на булеварот „БиХ“, сепак, не се доволни за да се намалат сообраќајниот колапс кој речиси секојдневно се случува во градот.

Очигледно, додека се чека на овие капитални проекти градот треба да размислува и за помали зафати кои можат да помогнат да се намали хаосот на улиците. Таква улога можат да одиграт кружните текови кои може да се направат на различни локации во градот. Изградбата на неколку кружни текови во изминативе години помогна да се забрза сообраќајот на одредени дотогашни тесни грла какви што беа крстосниците кај Католичката црква, кај Порта Влае, во Автокоманда, во Ѓорче Петров… На градското подрачје постојат повеќе крстосници кои брзо би можеле да добијат таква форма. Тоа го сметаат и сообраќајните експерти и граѓани.

Сообраќајниот инжењер во пензија Пламен Гавревски ни вели додека се чека на реализација на најпотребните примарни сообраќајници треба да се размислува и за нови кружни текови. Тој смета дека три кружни тека – кај поранешна НИП „Нова Македонија“, подвозникот кај Црниче и кај „Макпетрол“ – ќе помогнат за побрз сообраќај во тој дел од градот, но наведува и други локации.

-Кај „Мавровка“ итно е потребна крстосница на две нивоа, а кружни текови можат да се прават на крстосницата кај Тутунскиот комбинат, кај стариот ресторан „Злате“ каде завршува булаварот „Трета мак. бригада“, може и кај крстосница кај мостот „Гоце Делчев“ кај Владата, на почетокот на „Партизанска’ кај зградата „Тифани“. Таму има чворови кои прават застој. Но, прашање е дали во градската каса има пари за оваа намена. Едно треба да се знае, ако нема нови сообраќајници ќе настане колапс на улиците, потенцира Гавревски.

Слично на ова мисли и граѓанинот Боре Неделковски кој повеќе години се занимава со сообраќајните проблеми.

-Менувањето на горниот слој на асфалтот што сега се прави на неколку улици не беше толку неопходно. Само улицата „Лазар Личеновски“ беше во мошне лоша состојба. Парите што сега се потрошија можеа да се пренаменат макар за еден кружен тек. Има простор за повеќе текови кои би биле во улога на „стентови“. И јас сметам дека се потребни нови текови кај Владата, на почетокот на „Партизанска“, кај Тутунски комбинат, кај стариот ресторан „Злате“. Крстосници кај „Мавровка“, кај Народна банка и кај Црвен крст треба да бидат на две нивоа. Потребен е и кружен тек на големата крстосница кај ТЦ „Скопјанка“, смета Неделковски.

Има простор дури и за две ленти
Нашите соговорници сметаат дека на постоечките крстосници сепак има доволно простор да се направат сигурни кружни текови.
– Кај нас се прави грешка што се прават кружни текови со централен простор со пречник од околу 30-40 метри. Тоа е голема глупост, доволно е јадрото да е со пречник од 15-20 метри и со тоа да има место за две ленти, потенцира Боре Неделковски.