Ѓоргиев: Историјата мора да остане надвор од политичкиот процес меѓу Македонија и Бугарија

Историјата мора да остане настрана од политиката. Ако зборуваме за иднината и го вклучуваме и минатото, тогаш тука многу тешко ќе има некакво решение, изјави денеска македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања. Тој така одговори на новинарско прашање дали е дозволиво условите на Бугарија да бидат дел од преговарачката рамка за влез во ЕУ.

-Ние неколку пати сме изјавувале дека историјата мора да остане настрана од политиката. Тоа мора да се почитува. Историјата мора да остане надвор од политичкиот процес на разговори меѓу двете држави, рече Ѓоргиев во одговор на прашање, пред почетокот на промоцијата на изданијата на Институтот за национална историја во Музеј на македонската борба за самостојност.

На прашање дали за него се прифатливи бугарските гледишта, Ѓоргиев напомена дека резултатот од Комисијата покажува оти има големи разлики и дека нема апсолутна согласност на двете страни за одредени историски прашања.

За потсетување: По неколку средби во изминатиов период Комисијата одново има пауза во својата работа. На одржаните средби се зборувало за содржината на учебниците по Историја во Македонија и во Бугарија за учениците во основното образование. Но, и покрај изјавите дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера се уште не е постигнат конкретен напредок.

Во февруари годинава Драги Ѓоргиев зборуваше и околу замрзнување на работата на мешовитата комисија додека не се релаксира политичката атмосфера.

-Замрзнувањето на работата на комисијата на одреден период не би значело ништо, а можеби би придонело многу повеќе за другите работи меѓу Македонија и Бугарија да тргнат напред. Повторно е чуството дека таа Комисија создава проблеми преку наши препукувања во јавноста, рече тогаш Ѓоргиев.

Претходно, во октомври минатата година од работата и членството во Комисијата се повлече историчарот Ванчо Ѓорѓиев кој истовремено обвини дека се вршат притисоци од МНР.

– Постои директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР. Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја виткаат кичмата, наведе Ѓорѓиев во своето соопштение.

Пред ова оставка, имаше и други промени во составот на македонскиот дел од Комисијата.

Претходна вестМакедонија е лидер по бројот на пушачи во регионот и во Европа
Следна вестСлучај „Талир 2“: Обвинителството бара да се конфискува седиштето на ВМРО-ДПМНЕ