Ѓоргиев: Се што беше објавено за заедничкото чествување на цар Самоил е апсолутно неточно

Не го знам францускиот предлог, но она што е објавено во однос на работата на Комисијата во однос на текстовите кои се усвоени за заедничко чествување е на Цар Самуил е апсолутно неточно, изјави денеска копретседавачот во заедничката Македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев.

Тој беше прашан од новинарите околу францускиот предлог и билатералниот протокол во кој наводно се бара измени на историски личности од наша страна во учебниците.

– Апсолутно не е точно она што е наведено во некои медиуми со она што е усвоено од страна на самата Комисија за заедничко честување на цар Самуил. Исто така, Комисијата никогаш не усогласувала текстови за да бидат тие ставени на различни спомен обележја, споменици или тврдини. Комисијата усвојува заеднички текстови за заедничко чествување на одредени личности и тие личности се познати и веќе два текста од нив се објавени во јавноста и тоа е она што го има направено Комисијата, рече Ѓоргиев.

Тој напомена дека комисијата ниту дава дозвола да бидат тие објавени на различни спомен обележја, ниту е тоа работата на комисијата. Како што рече, текстовите на комисијата се за заедничко чествување а не за спомен обележја

-Постои текст за заедничко чествување на цар Самуил кој е усвоен во 2019 година и вчера или завчера веќе беше објавен во дел од медиумите, а пред неколку месеци на една од средбите усвоен е и предлог препорака до владите како таа држава да биде претставена во учебниците по историја. Тие два текста немаат апсолутно ништо заедничко со она што е за жал објавено во некои медиуми и се пренесени во наши медиуми, без и малку критички да бидат анализирани, додаде Ѓоргиев.

Тој уште еднаш повтори дека работата на историската комисија не може да биде дел од процесот на политичките преговори. Тоа, како што рече, мора да биде паралелен процес и нема да биде органичен со рокови ниту врзуван со одредни императиви.

Маја Ангеловска – Панова од Институтот за национална историја изјави дека самото прифаќање на францускиот предлог ќе значи ревидирање на официјалната македонска историографија.

-Несомнено дека ова е преседан. Вакво нешто не постои во современите светски историографии на наметнување на нечиј наратив врз друг наратив, така што моето мислење е дека ова е едно агресивно однесување што не соодветствува со европските вредности, најмалку со вредностите што се применуваат во научно истражувачката работа, смета Панова.

Од друга страна, по информациите што ги објави бугарската агенција БГНЕС денеска реагираше и македонскиот тим во мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Во соопштението се наведува дека  работата на Комисијата и членовите од македонска страна е предмет на злоупотреба од страна на најодговорните чинители во двете држави, политичарите (како од власта, така и од опозицијата), стручната јавност, како и од страна на голем дел од медиумите со нивното непрофесионално известување.

Поради големиот број дезинформации и лаги пласирани во јавноста изминативе денови, би сакале да информираме дека:

  1. Комисијата никогаш не разговарала и не усогласувала предлог текстови доставени до владите со цел тие да бидат испишани на споменици, споменични обележја или тврдини, како што е тоа наведено во манипулативниот текст на порталот БГНЕС кој речиси сите медиуми во С Македонија го пренесоа без притоа да побараат информации од членовите во Комисијата за да се провери точноста на информацијата и да се консултира нивното мислење во однос на ова прашање. Таквиот начин на информирање нема за цел јавноста да дознае што се случува со работата на Комисијата и да се пренесат погледите на сите страни вклучени во процесот, туку да се злоупотреби нејзината работа за политички цели. Текстовите кои досега се усвоени од страна на Комисијата се предлози до двете влади за заедничко чествување на одредени личности, а не објаснувачки текстови за споменични обележја, споменици и тврдини и тие не смеат да бидат искористени за таа цел. Исто така, крајно неодговорно е овие непроверени и неточни информации во поглед на намената и содржината на усвоените текстови за заедничко чествување од страна на Комисијата, да бидат користени од претставници на политички партии и носители на функции за да собираат политички поени и да создаваат слика за себе како за бранители на националните интереси на сметка на Комисијата која наводно работела во тајност без нивно знаење. Особено кога за нашата работа редовно е информирана јавноста и истите тие политичари се дел од власта и можат или можеле да ги имаат на увид сите усвоени препораки на Комисијата во однос на заедничките чествувања и учебниците по историја. Исто така, уверени сме дека и опозицијата е запозната со сите досегашни решенија на Комисијата и како и власта знае дека во нив нема ништо спорно и ништо со што би се загрозил историскиот идентитет на македонскиот народ и дигнитетот на сите граѓани на С Македонија.
  2. Комисијата од македонска страна никогаш не прифатила, ниту пак ќе прифати да биде алатка на политиката или, пак, да работи според политички инструкции со што таа би прераснала во политичко тело за цензура, а не експертско тело кое има за цел да помогне да се надминат споровите за минатото кои се злоупотребуваат за политички цели. Комисијата е формирана врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство, но нејзината работа се води според Правилникот кој двете страни заеднички го усвоија на Првата средба на Комисијата во 2018 година и во кој нема ниту еден елемент, ниту една точка, која Комисијата би ја претворила во тело кое ја одредува „историската вистина”. Поради тоа, сакаме да укажеме дека секое нејзино подредување и потчинување на политички потреби на една или друга влада или политичка партија ќе значи и крај на постоењето на Комисијата.

 

  1. Неопходно е професионално и одговорно однесување на сите чинители во општествениот и политички живот со цел да не се манипулира со чувствата на граѓаните, да не се поттикнува несигурност, и уште поважно да не се поттикнуваат поделби внатре во општеството, како и меѓу самиот македонски народ,. Патриотизмот не е и не смее да биде алатка за постигнување лични цели и градење на лични политички кариери кои во нашата кратка историја на независноста не служеле како ништо друго освен како средство за стекнување лична материјална корист.

На крајот, апелираме прашањата кои се однесуваат на работата на комисијата од македонска страна да бидат проверувани со нас, а за прашањата во однос на тоа каква ќе биде улогата на Комисијата во евентуални нови протоколи меѓу двете земји ќе се изјасниме доколку тие бидат официјално усвоени од Владите на С Македонија и Бугарија., се наведува во обраќањето на македонскиот тим во Комисијата.