Познатиот српски музичар и актер Ѓорге Давид ја напушти Македонија и најави дека во Белград ќе одржи прес-конференција на која ќе информира за сообраќајната несреќа во која што и тој беше вклучан, а што се случи во близината на граничниот премин Табановце, кога една жена загина.
Во несреќата загина 49-годишна жена кога по судир на нејзиното и друго возило, таа излегла од својот автомобил, а по автопатот наишло возилото на Ѓорѓе Давид кое удрило во жената.
Според сознанијата, прво се судриле два автомобили, „фолксваген поло“ со кумановски регистрации и „фолксваген голф“ со скопски регистарски таблички. Како што се истакнува во соопштението до судирот дошло кога возачот на еден од автомобилите влегол на автопатот во спротивен правец.
-По тој првичен судир од автомобилот излегла сопатничката од возилото со кумановски регистрации и во тој момент на неа налетал автомобил „опел омега“ со српски регистарски таблички. Од ударот жената се здобила со тешки телесни повреди, од кои починала, се вели во соопштението на обвинителството.
Тој беше задржан од македонските власти до расчистување на случајот, а самиот имаше дадено изјава дека станува збор за несреќен случај, за судир на две возила во услови на магла и неочекувано движење на жената по автопатот. Рече и дека возел со дозволена брзина и дека немал во себе алкохол или недозволени средства.
Пејачот беше и член на некогаш познатата рок-група Генерација 5, а потоа се посвети на своја рокерска кариера, како и на филмски улоги, додека многумина го препознаваат како член на жири на шоу за избор на таленти.
ФОТО: Ѕвезде гранда