Глумат граѓани, носат скапи цвиќери, а не гледаат дека „милите“ им дечиња се испокршија

Скопје е полно со вандали

Детските лулашки во Урбан-паркот кај подвозникот кон Црниче одамна се уништени, исто како и клацкалките и лизгалката… Всушност, целиот парк е речиси руниниран. А беше направен како убаво зелено катче за жителите од овој дел од градот кој немаат многу зеленило… Освен повременото собирање на лисјата комуналците не прават ништо друго за да го одржуваат ова место. Несовесните скопјани, пак, си го прават своето: кршат, газат…

За жал, не е само ова место пример за вандалскиот однос и негрижата кон она што е наменето за сите граѓани во Скопје. Деновиве, за кратко време беа запалени и уништени пет пластични контејнери за собирање на отпад. Затоа и како да отрпнавме на сознанието дека годишно градот неповратно губи меѓу 100 и 200 пластични контејнери како резултат на нивно намерно палење од вандали. Да не споменуваме колку се краде градскиот имот… лица кои се сигурно во друштво се преставуваат за големи „граѓани“ крадат тукушто посадено цвеќе, вентили од прскалките, па дури и цели клупи…

-Во Скопје веќе скоро и да нема граѓани. Преполн е со малограѓани, кои носат скапи наочари, а не можат да видат дека газат по трева или дека нивните „мили“ дечиња кршат се што е поставено во парковите, децидна е Стефанија Андонова.

Вандализмот на ваквите лица е видлив и Кога ќе се види и при заедничкото живеење во станбените згради. Тие не почитуваат јавна хигиена, ги уништуваат лифтовите, противпожарната опрема, фасадите…

-Отсуствува културата кај повеќето граѓани, се уништува се што е заеднички интерес за граѓаните, се нагрдуваат ѕидовите на зградите, се кршат новозасадените дрвца, корпите, клупите, за фрлањето на отпадоците да не зборуваме. Јавните претпријатија не можат после секој несовесен граѓанин да постават чувар за да ги предупредува. Нема друг начин за освестување освен да се зголемат паричните казни, смета скопјанката Соња Богоројческа.

Пред неколку месеци вандалски беше искршена новонаправената „Куќичка од приказните“ во Градскиот парк, само неколку дена по поставувањето. Само една недела траеја новопоставените дрвени клупи, реквизити за рекреација во Парк-шумата Гази Баба кои ги испокршија вандалите. Голем проблем е што дел од граѓаните покажуваат некултура и кога се работи за нормите на однос со другите луѓе. Така, чести се примери на непочитување на редовите во банките, супермаркетите, во сообраќајот… Во контејнерите за смет, и покрај сите апели, несовесните фрлаат градежен шут иако се знае дека тој може да ги оштети скапите комунални возила, а и ги палат кога ќе им текне.

– Менталитетот на граѓаните го допрел дното во градот кој е пренаселен. Не гледам друг начин ваквото однесување да се смени освен со воведувањето на редари и драконски казни, првенствено со друштвено корисна работа, потенцира граѓанката Зока Спасов.

Проблем се и институциите кои се толерантни
Скопјанката Марија Попов смета дека проблемот со некултурното живеење во градот се должи и на толеранцијата од страна на институциите.

-Културата е на загрижувачки ниско ниво. Свеста на граѓаните за чиста животна средина е сведена на минимум. Но, секако, најголем проблем се институциите кои не вложуваат никаков напор тоа да се смени. Потребна е комунална полиција и строги казни. Со ваква културна на живеење, нели е срам што поднесоа кандидатура за зелена престолнина, се прашува ова граѓанка.