Го има ли ова на друго место во светот: 10 години на централен плоштад стои смачкана зграда?

Соголена, подразрушена, незавршена, морничава…, ваков е се уште изгледот на зградата на ЕСМ во најстрогиот центар на Скопје. Оваа доминантна зграда е таква веќе десетина години кога решија да ја направат „поубава“.

Проблемот започна уште во 2013-та година кога тогашниот сопственик компанијата ЕВН прифати да се смени изгледот на фасадата која требаше да добие барокни елементи за да биде дел од големиот и скап проект „Скопје 2014“. Толкава висококатница во барок? Но, „експертите“ ја почнаа реконструкцијата.

Арно ама работите запреа во 2017-та година со промената на власта во државата по парламентарните избори. И кога се очекуваше дека брзо барем ќе се врати стариот изглед, зградата влезе во заборав…

Оттогаш до сега, објектот кој е во сопственост на ЕСМ никако да биде завршен. Проблемот, според сознанијата, е во тоа што зградата не може да добие употребна дозвола поради промените во конструкцијата коишто се направени.

– Сите обиди АД ЕСМ да може да ја користи новата зграда и да ја продаде или отстапи старата, не вродија со плод, односно и покрај повеќето најави дека настаната правна состојба може да се реши, истата сè уште не е разрешена односно зградата да не може да добие употребна дозвола и да не може да се изврши технички прием. Од тие причини, АД ЕСМ е изложен и на трошок за инвестиција во нова зграда која не може да ја користи, и на трошок за санирање и уредување на старата зграда во која нема соодветни услови за работа внатре, ниту соодветна фасада и изглед од надвор. Исто така, Град Скопје, Општина Центар и АД ЕСМ бараа ново урбанистичко решение за зградата, но се наиде на различни толкувања околу надлежностите, соопштија минатата година од државната компанија ЕСМ.

И така, почнува познатата македонска пинг-понг пракса: секој е надлежен и никој не е надлежен… Па се активира Министерството за транспорт и врски, па се бара мислење од разни Институти, па општината, па Градот…

А зградата за кој (како што беше соопштувано) до сега се потрошени 17 милиони евра и која некогаш претставуваше бисер на македонската архитектура продолжува да се распаѓа и да претставува градска грдотија. 

До кога? Во кој главен град една зграда на централен плоштад стои 10 години подразрушена?

Претходна вест„Петар Пан“ – момчето што не сака да порасне, на 31 март ќе се игра во НОБ
Следна вестЕвростат: Најбогати граѓаните на Луксембург, најсиромашни Бугарите