Го излажале дека ќерка му направила сообраќајка и му зеле пари

Нов случај на измамување на скопјани со наводни сообраќајки на нивните деца за кои треба да се платат големи пари за да се заташкаат е пријавен на полицијата. Имено, вчера 68-годишниот скопјанец Б.М. пријавил дека е измамен од едно лице кое околу  10:55 часот на телефон му се јавило и му соопштило дека неговата ќерка учествувала во сообраќајна незгода. Другото лице, пак, потоа се претставило како полициски службеник и побарало пари за да се прикрие случајот.

Според пријавеното, тој се согласил на тоа и во 12:44 часот пред неговата куќа му предал пари на лицето. Меѓутоа, малку подоцна, во 15:50 часот Б.М., откако контактирал со неговата ќерка, сфатил дека е измамен. Во извештајот не се наведува колкава сума на пари платил скопјанецот. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Инаку, речиси идентична измама е забележана на 31 јануари кога 43-годишната скопјанка П.Е. е измамена за 10.000 евра. Нејзе на 28-ми јануари на домашниот телефон ѝ се јавило женско лице и ѝ се претставило како нејзина ќерка. Таа ја известила дека направила сообраќајна незгода и ја прашала колку пари имаат дома. Веднаш потоа разговорот го продолжило машко лице, кое и кажало дека нејзината ќерка во сообраќајна несреќа прегазила девојче од Албанија, кое починало, поради што ќерка ѝ требала да оди во затвор од пет до 15 години.

-После тоа, според пријавата, лицето дошло пред нејзиниот дом, по што П.Е. му дала 10.000 евра. Таа утврдила дека е измамена откако се слушнала со нејзината ќерка, соопшти скопската полиција.