Само уште европско знаменце му фалеше на многу критикуваниот Закон за учебници

Министерката Мила Царовска прво го повлече заради усогласување со европските принципи и препораки, за после неколку часа експресно соопшти дека го усогласиле и со европско знаменце го враќаат во Собрание. Вака изгледаше патеката на спорниот и многу критикуваниот Закон за учебници вчера попладне.

Нема шега со министерството, делува брзо и ефикасно.

Но, навистина настрана шегата, експерти, родители и наставници реагираат со осуда на предлог планот, велат како е возможно да се усогласи закон според европски препораки за само неколку часа. Сметаат дека позитивен беше сигналот на повлекување на законот оти јавноста помисли дека сериозно ќе се спречи носење на одредби со кои ќе се укинуваат учебниците, но тоа не се случи.

А што точно препорачуваат европските документи? Во нив е објаснето како во чекори да се одвива дигитализацијата, а предвидува и обуки за наставниците бидејќи според истражувањата, во Европа има висок процент на наставници кои не се снаоѓаат добро со новите технологии. Планот за следните 6 години во насока на дигитализацијата предвидува:

-инфраструктура, поврзување и дигитална опрема

-ефективно планирање и развој на дигитални капацитети, вклучително и ажурирани организациски способности

-дигитално компетентни и сигурни наставници и кадар за едукација и обука

-висококвалитетна содржина за учење, лесни алатки и безбедни платформи кои ги почитуваат приватноста и етичките стандарди

Македонија не може да се пофали ниту со првата ставка, а за останатите надолу да не зборуваме. Во една ваква несредена атмосфера образовниот систем не е подготвен за крајната фаза. Предуслов е исполнување на сите други, па дури потоа носење на закон за учебници и официјална дигитализација.

Но, зошто министерството односно Мила Царовска го форсира носењето на законот без исполнети базични услови, останува нејасно. Денеска на пладне јавно ќе го оспорат родителите, наставниците и учениците на протест пред министерството за образование.

Претходна вестКовид-19 во 24 часа: Дваесет и осум починати и 450 нови заразени
Следна вестПочина Тони Баталаков, солист, педагог и поранешен директор на МОБ