Гол на Митев со играч помалку ѝ донесе реми на Македонија против Швајцарија

16

Ракометните репрезентации на Македонија и Швајцарија одиграа возбудлив натпревар без победник, кој заврши 29:29, во последното коло од Јелоу куп што се одржа во Винтертур. Освоениот бод ѝ беше доволен на домашната селекција да го обезбеди првото место на турнирот, благодарение на подобрата гол-разлика.

Швајцарија во најголемиот дел од натпреварот го контролираше резултатот и во еден период имаше убедлива предност од 18:12. Сепак, македонските ракометари не дозволија резултатски одлепување и постепено се враќаа во игра, држејќи приклучок до самиот финиш.

Драмата кулминираше во последните минути, кога и двете репрезентации под силен притисок реализираа речиси секој напад. Во самиот финиш, и покрај тоа што играше со играч помалку, Македонија преку Марко Митев успеа да постигне гол и да избори реми од 29:29.

Македонската селекција го заврши настапот на турнирот со две победи – против Бахреин (32:28) и Украина (31:26), како и со едно нерешено реми против домаќинот Швајцарија.

По настапот во Швајцарија, македонските ракометари заминуваат во Данска, каде што ќе одиграат уште еден контролен натпревар во рамки на подготовките за Европско првенство во ракомет. Македонија ќе го отвори шампионатот на 16 јануари токму против домаќинот Данска.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестМалолетничка жртва на полов напад и уцена, обвинителството бара притвор
Следна вестСпејсИкс чекор поблиску до глобален сателитски интернет од нова генерација