Голем проблем се некои возачи, но имаме и погрешно поставени сообраќајни знаци

Со Пеце Лозанов, сообраќаен инжењер од Битола зборуваме за хаосот што ни се случува во сообраќајота чија цена секојдневно се плаќа со многу жртви.

Сведоци сме на тешки сообраќајни несреќи со автобуси, патнички возила, мотори кои имаат голем број на жртви и настрадани. На што се должи сето ова?

 -За жал, така е. Не треба многу за да се заклучи дека тие се резултат на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи. Се вози пребрзо, безобѕирно, невнимателно, се поминува на црвени светла, се претекнува на полни линии, се излетува од патиштата… Очигледно, проблемот е кај возачите, во структурите на нивните личности во кои се јавува желбата да се вози автомобил на начин кој е опасен и загрозувачки за сите. Полицијата нешто контролира, но тоа не е доволно. Несреќите како последната во Бугарија, како таа кај Ласкарци… не враќаат во реалноста во која имаме премногу пропусти, премногу фактори кои влијаат да се случуваат сообраќајните незгоди, а на кои стануваме свесни дури откако десетици семејства ќе бидат завиени во црно.

Надлежните мора посериозно да се свртат кон состојбите во сообраќајна сфера – од тоа како се полагаат возачките испити, како се однесуваат младите возачи, па се до стриктни контроли на техничките прегледи, на издавање на лиценци… Не смее да се загрозуваат животи со невнимателности и гледања некому „низ прсти“ при полагањето на возачки испити, при сообраќајни контроли, при технички прегледи, при санкции…

Какви се пропусти се прават при контролите, при техничките прегледи, при регистрација на моторните возила, посебно на автобусите?

– Како возачи, многумина од нас знаеме како се вршат техничките прегледи. Колку тоа се прави на брзина и колку површно. Потоа, при контролите на полицијата на техничката исправност на возилата излегува поразителна вистина. Да не збориме за издавањето на лиценци за превоз и слично, за тоа какви стари транспортни возила имаме на нашите улици. Нешто мора да се смени во таа сфера. Ќе го издвојам “потребното време“ кое е нужно да се изврши детален, прецизен и целосен технички преглед, во соседна Србија одамна стапи во сила Законот за временско ограничување на контролорите при испитување на едно моторното возило (20 мин–мопед/мотоцикл/работна машина; 25 мин–трактор; 30 мин–приклучно возило; 35 мин–м.в. до 3500 кг; 40 мин–м.в. над 3500 кг со хидрауличен систем за сопирање; додека со пневматски 55 мин). Контролорот на техничкиот преглед не може да започне со вршење на техничкиот преглед на следните возила пред истекот на минималното време потребно за вршење на техничкиот преглед. Кај нашиот северен сосед се случува “експанзија“ на бројот на станици за технички преглед во една Општина, а тоа е на пат и во Македонија. Конкуренцијата меѓу Станиците за технички преглед си го прави своето т.е. секој сака да има повеќе муштерии или “задоволни клиенти“!

Сведоци сме на пребрзо возење, посебно на оние од помладата генерација. Се поголем број на сообраќајни несреќи се должат на невнимателно возење…

– Манифестирање на невнимателното возење постои кај сите возачи, особено кај младата популација. Зошто? Можеби поради непознавање на прописите, одговорноста и последиците. Возачите причинители на големи прекршувања подлежат најчесто на парични казни и одземања на возачки дозволи одреден период, после тој “казнен“ период возачот може повторно да управува со таа категорија на моторно возило за кое бил казнет. Сведоци сме дека тие возачи повторно управуваат моторни возила! Ќе ја споменам повторно Србија (како и во ЕУ), воведоа “пробни возачки дозволи“ за возачи-почетници со рок на употреба од две години, доколку во тој период возачот-почетник направи прекршок (возење после 23 часот, под дејство на алкохол, дрога, брзо возење ….) пробната возачка дозвола се одзема целосно, а лицето може повторно да се запише во Автошкола и од почеток цела постапка со обуката и полагањето во Испитни центри да ја повтори, додека кај “возачите за сопствени потреби“ одземањето на возачки дозволи оди на сосема друг начин т.е. лицето е должно да посетува Теоретска настава и тоа од 40 наставни часови (10 дена работни) за на крај да биде писмено испитуван, познавање на правила и прописи во сообраќајот. Нешто мора да се менува, вака веќе не смее да остане.

СTOП ЗА ПАРТИСКИ НЕКАДАРНИ КАДРИ

Имаме и несигурни патишта кои се со опасни дупки, со искршени и паднати сообраќајни знаци… Зошто се дозволува ваква ситуација?

– И не само тоа! – Имаме погрешно поставени сообраќајни знаци, предмети и објекти на патиштата… Сноси ли некој одговорност!? – “Секој возач доколку наиде на предмети на патиштата, должен е да ги одстрани, а доколку не е во можност, должен е да ги извести надлежните органи или организацијата за одржување на патиштата“. Знае некој кои се тие или кој е нивниот телефонски број? Решавање на овој проблем можеме да го постигнеме на еден начин, преку “sos call centar“ т.е. единствен телефонски број за сите граѓани и нивните потреби на државно ниво. Неговата намена ќе има примена за сите “недоследности“ на патиштата, јавување во полиција, брза помош, противпожарна служба, центри за управување на кризи, помош на патишта итн. Нешто што се практикува во државите многу одамна. Неопходни се измени во Законите и Правилниците, но и во измени на начинот на вработувања на раководни функции, преку исполнувања на одредени строги критериуми и квалификации или, народно кажано,стоп за партиските вработувања на некадарни кадри.

Претходна вестФункционерите глумејќи граѓани ги заборавија селата кои ја хранеа Македонија
Следна вестНухиу контра косовскиот колега: Посетата е на Идрзово, а не на затворениците од „Диво Насеље“