Илјадници пожарникари се борат со десетина шумски пожари што беснееја низ северна Португалија и централна Шпанија во текот на ноќта и денес, во најголемиот бран пожари што досега го зафати Иберискиот Полуостров по неколку недели летни горештини.
Најголемиот шумски пожар од почетокот на неделата гори во пошумената планинска област Арука, околу 300 км северно од Лисабон, што ги затвори сите популарни туристички патеки и атракции, Пасадикос до Паива. Околу 800 пожарникари и седум авиони со водени бомби се борат со пожарот од синоќа.
-Во текот на ноќта вложивме огромен напор, па сега ситуацијата е некако помирна“, изјави командантот на Цивилната заштита Хелдер Силва за новинарите, предупредувајќи дека промената на силните ветрови и тешкиот терен значи дека нивната работа е далеку од завршена. „Тоа е огромен шумски пожар во области со многу тежок пристап, рече тој.
Малку подалеку на север, пожар беснее веќе четири дена во Националниот парк Пенеда-Гере, во близина на шпанската граница, кој ги покри блиските села со густ чад, поради што на населението му е советувано да остане во своите домови.
Португалските пожарникари успеаја да стават под контрола два големи пожари што избувнаа завчера во централните области Пенамакор и Ниса. Властите објавија дека пожарот во Пенамакор уништил 3.000 хектари шума.
Во централната шпанска покраина Авила, променливите налети на ветер ги попречуваат напорите на пожарникарите и специјалните воени единици, соопштија службите за итни случаи. На жителите на селото Ел Аренал, околу 100 км западно од Мадрид, им е советувано да останат во затворен простор поради густ чад.
Во Момбелтран во близина на Авила, земјоделецот Блас Родригез едвај можеше да ги задржи солзите додека одеше меѓу изгорена маслинова шума уништена од пожар. „Оваа земја му припаѓаше на мојот татко. Изгоре пред 16 години, но маслинките беа поштедени од пожарот, но овој пат сите изгореа“, изјави тој за Ројтерс.
Во западната покраина Касерес, пожар зафати 2.500 хектари земја, принудувајќи ги жителите на бројни села и населби во областа Каминомориска да се евакуираат, објавија властите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



