Ѓорге Иванов: Првите луѓе на ОН мораше, уште истиот ден кога започна конфликтот, да бидат во Киев, а следниот ден во Москва

Обединети нации се најефикасни во кризни ситуации, но, за да се покаже нивната ефикасност, Генералниот секретар на ОН, заедно со Претседателот на Генералното собрание на ОН, мораше, уште истиот ден кога започна конфликтот, да бидат во Киев, а следниот ден во Москва, порача поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов. Тој се обрати на форумот за дипломатија во Анталија кој се одржува под покровителство на Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во периодот 10-13 март 2022 година. Темата на Дипломатскиот форум во Анталија е „Прекодирање на дипломатијата“, а Претседателот Иванов се обрати на панелот на тема „Ревитализација на мултилатерализмот: ОН и подалеку“.

Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук се наведува дека Иванов во своето излагање нагласил дека кризата во Украина ја враќа повторно на сцена дебатата за ОН и Советот за безбедност и нивната поставеност во 21-виот век. Тој потенцира дека проектот на ОН по Втората Светска војна во денешно време ја губи својата моќ да воспоставува мир.

Иванов, истакна дека можни се три модели на функционирање на ОН, прво, да останат како што се, второ, да излезат од воспоставениот модел и да се реформираат, и, трето, да ги користат придобивките од технолошкиот развој и дигитализацијата како начин за носење одлуки.

-Ако системот на ОН остане во статус-кво состојба, после конфликтот во Украина, знаејќи ја позицијата на Русија, нѐ очекуваат долги и тешки преговори користејќи ги сите досегашни дипломатски механизми и искуства. Ако се замени моделот на носење одлуки, да се напушти сегашниот и се замени со нов, современ, постои можност за нивно подобро функционирање. ОН се човечка креација и тие, како и секој организам, кога ќе остарат се соочуваат со немоќ, тромавост, помала ефикасност. ОН се најефикасни во кризни ситуации, но, за да се покаже нивната ефикасност, Генералниот секретар на ОН, заедно со Претседателот на Генералното собрание на ОН, мораше, уште истиот ден кога започна конфликтот, да бидат во Киев, а следниот ден во Москва. Човештвото секогаш наоѓа решение во кризни ситуации, и да се надеваме дека и сега ќе најдеме решенија кои ќе бидат од корист за сите, не само за одредени земји. Светот станува сѐ покомплексен и посложен, но и сѐ повеќе меѓусебно зависен, па затоа, помагајќи си себе си, им помагаме на сите, порача Иванов.

Претходна вестРакетирана база во Лавов, Зеленски со порака до руските сили
Следна вестАнгеловска-Бежоска: Денарот е стабилен, менувањето денари во девизи е непотребен трошок за граѓаните