Горивата поскапуваат за денар по литар

Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ се зголемуваат за денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Новата цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 76,50 денари, а 78,50 денари на еуросупер БС-98. еуродизел БС (Д-Е V) ќе се продава по 68,50 денари, а 68 денари екстра лесно 1 (ЕЛ-1).

Се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС за 0,249 денари по килограм и ќе изнесува 43,010 денари за килограм.

Зголемување на малопродажните цени на горивата имаше и минатиот понеделник, кога цените на еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 се зголемија за 2,00 ден./литар, а на „еуродизел“ (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголеми за 2,50 ден.

Ова зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, според одлуката на РКЕ, во просек изнесува 1,23 отсто во однос на одлуката на регулаторното тело од 12 месецов.

Во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат зголемување: кај бензинот за 2,197  проценти, кај дизелот за 2,842 проценти, кај екстра лесното масло за 2,853 проценти и кај мазутот за 0,554 проценти. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,164  проценти, наведува РКЕ во одлуката за променат на цените на нафтените деривати.