Градоначалникот Муцунски не треба да кружи околу ветениот кружен тек кај ОУ „Блаже Конески“

Во скопски Аеродром последнава деценија некои „умни глави“ насадија многу згради, особено во делот на Мичурин, Острово… Деветокатници никнаа во густ шпалир на неколку улици. Мислеше ли некој тогаш од одговорните дека во тој крај ќе треба да се движи населението и возилата, а нема инфраструктура? Мисли ли барем сегашниот градоначалник кој го затекна овој урбанистичкиот хаос?

Опасност од судар, бројни возила, пешаци, велосипедисти, вкрстување на повеќе улици без семафори…Ова е секојдневието на чудната крстосница кај основното школо „Блаже Конески“ во населбата Острово. Станува збор за една од најфреквентните крстосници со повеќе улици под разни агли по која секоја минута поминуваат десетина возила, пешаци и други учесници во сообраќајот. Но, на неа нема семафори, бидејќи ги има на само педесетина метри на вкрстувањето на булеварите „Јане Сандански“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ кај „Скопјанка“. 

Така е со години, при што не се реткост ниту сообраќајни незгоди. Колоните се секојдневие, а гужвата се зголемува и со бројните возила на авто-школите кои се чини намерно ги носат тука кандидатите за да поминуваат на овие проблематични места со цел што подобро да ја совладат обуката.

Се бара ли чаре за ова? Да. Пред секои локални избори. Кандидатите за општински градоначалници на Аеродром постојано ветуваат дека тука ќе биде направен кружен тек.

Последен во низата на градоначалници коишто дале ваквото ветување е и актуелниот татко на Аеродром – Тимчо Муцунски.

е понудиме бројни решенија за намалување на сообраќајниот метеж којшто се случува во Аеродром. Во текот на мандатот во соработка со градските власти ќе направиме два кружни текови. Првиот ќе биде во Острово, во близина на ООУ „Блаже Конески“, а вториот на булевар Србија. Покрај овие два капитални проекти, планираме и други проширувања и пробивања на улици, ветуваше Муцунски во кампањата за локалните избори во октомври 2021 година.

Тој ја доби довербата, помина скоро година и пол откако стана градоначалник, но од кружниот тек засега ништо. Нема механизација, нема некој да премерува, планира…

Жители од населбата се во дилема дали тој воопшто и планира некогаш да го направи овој градежен зафат. Ова од причина што на дел од тој простор што би го опфатил кружниот тек сега почнува и да се гради и мало паркче, со што дилема е дали ќе има место и за кружниот тек…

-Според мене, овде веќе нема место да се направи кружниот тек. Не ми е јасно зошто се одзема просторот ако веќе беше планирано и ветено дса се направи нова крстосница? А возила, гледате, има се повеќе, ни вели еден жител на Острово.

Муцунски не треба да кружи околу ветениот кружен тек. Треба да влезе на теренот и да почне да го прави. Неговиот мандат не е 10 години па да има време, а и граѓаните во тој дел од Аеродром немаат повеќе време за чекање да се исполни ветеното.

Претходна вест„Непослушниот“ и невакциниран Ѓоковиќ не го пуштаат во САД да игра тенис
Следна вестРадиоактивно возило сопрено на српската граница