Градоначалниците и годинава решително ни ветуваат дека ќе ги реализираат старите ветувања

Зборот „ЌЕ“ пак најчесто се слуша 

Се враќа ли Скопје во иднината? Прашањето кое асоцира на името на познатиот филмски хит, се чини, најдобро ја опишува состојбата во која се наоѓа градот во однос на исполнувањето на градоначалничките ветувања. Причината е едноставна: и оваа година повторно ги слушаме најавите дадени во минатото за иднината. Не е доволно разбирливо? Еве поедноставно кажано: скопскиот градоначалник и неговите општински колеги пак ни ветуваат дека ќе ги исполнат ветувањата кои ни ги даваат со години. Нема ден, а да не се слушне најавата дека „ќе се направи ова или она…“ и се кажуваат проектите кои веќе требаше да бидат завршени според претходните нивни ветувања. Градоначалниците ги најавуваа во своите изборни кампањи, ги најавуваа во првата година, а сега, еве, пак ги најавуваат и во екот на третата година од нивните мандати.

Како на ова реагираат скопјани? Веруваат ли дека овој пат ветувањата ќе бидат реализирани?

-Зарем има жена што можеш пет пати да ја излажеш ветувајќи и дека утре ќе ја носиш на театар, а всушност, за утре само имаш намера пак да и ветиш дека наскоро ќе отидете? Баш така градоначалниците нас ни прават и очекуваат ручек да им зготвиме. Не им веруваме, нормално, тие самите си се убедуваат дека успешно не мафтосуваат, е реакцијата на аеродромецот Драган.

Скопјани се уморни од празните ветувања…

-Ги слушам најновите ветувања, но веќе не верувам дека ќе се остварат зошто градоначалниците и досега ништо не направиле од ветувањата што ни ги дале. Еве, во населбата Градинар во Кисела Вода каде живеам се уште чекаме на фекална канализација. Летно време тука не се живее. Од комаци ќе фатиме маларија. Повеќе од десетина години сите кандидати за градоначалници од двете најголеми партии ни ветуваа дека ќе ни ја направат. И ништо до сега, а само три километри сме од центарот. Како да им верувам сега дека ќе направат нешто што повторно го ветуваат, ни вели скопјанецот Денис Исамиловиќ.

И тој деновиве ги слушнал новите најави на градоначалникот на Кисела Вода Филип Телемковски. Прва беше дека „ќе се гради“ катната гаража во населбата Расадник со метална конструкција на два ката и со површина од околу 1.500 метри квадратни. Втора беше дека оваа општина заедно со Градот Скопје и градоначалникот Петре Шилегов, ќе градат нов парк во Кисела Вода, на просторот покрај железничката пруга која поминува низ општината. Но, и за двете работи нема датум кога ќе почнат да се прават и за колку точно време ќе се завршат. А додека чекаат на тоа жителите од населбата Градинар и останати жители на Кисела Вода ќе почекаат и на неколку пати ветените поликлиника, гасификација, енергетски фасади, нова општинска зграда… кои им беа гарантирани дека ќе се направат.

Пред ветувањето за нов парк во Кисела Вода скопскиот градоначалник најави дека ќе се направи паркот и во Карпош 4. За тоа одржа и конференција за печат со тамошниот градоначалник Стефан Богоев. Граѓаните повторно добија најава за иднината: дека ќе се направи голем парк со површина од 60.000 метри квадратни со најразлични содржини. Само конкурсот за изгледот на паркот ќе трае два месеци и што отвора дилема кога тој ќе почне да се прави и кога ќе се заврши? Граѓаните се скептични.

-Не верувам дека паркот ќе се направи. Градоначалникот Богоев не ги реализира старите ветувања. Ама се реализираат нови и нови згради и блокови за кои тој ветуваше дека ќе ги стопира, смета жителот на Карпош Ѓоко Георгиевски.

И тој е меѓу оние карпошани кои се уште чекаат да се направи веќе ветеното: Дом за нега на стари лица, здравствени патроли, бесплатни часови за странски јазици за основци, еко-паркинзи… А сега добија и нови ветувања од страна на градоначалникот Богоев – дека се подготвува нов спортски комплекс во Карпош 3.

Во Бутел, пак, најново е ветувањето дека таму ќе се прави нова поликлиника. Владата го прифатила барањето од општината чиј градоначалник Велимир Смилевски тоа им го вети во кампањата. Средствата биле испланирани, но сега останува општината да го донесе деталниот урбанистички план кој ќе биде основа за изработка и на проектот на поликлиниката.

-Не сум задоволна бидејки ветувањата се многу, а започнувањата малку и нецелосно завршени и се друго неисполнето и празно. Нашиот градоначалник направи некои ситни работи за Бутел, а за Бел камен во Радишани само вети и не посвети ниту минута од неговото драгоцено време, вели бутелчанка Марија Николовска.

Ветувањата дадени од градоначалникот Шилегов се посебна приказна. Не се знае бројот на дадени ветувања дека наскоро ќе се активира јавното претпријатие за грижа за животните „Лајка“. Кога точно не се знае. Активистите одамна предупредија дека застојот во третманот на бездомните кучиња резултира со зголемувањето на нивниот број за неколку илјади. За годинава имаше и најнова најава дека ќе се реконструира и Универзална сала, но тоа сега како да не се споменува. Скопјани чекаат и на ветените: тунел под Кале, гасификација, продолжување на „Илинденска“ и „Љубљанска“ со мостови на Вардар, спуштена крстосница кај „Мавровка“, кружен тек во Сарај, исчистен воздух, зелени згради, Луна-парк, езеро Треска, централен комунален сервис…

-Сето ова нема да го дочекаме во овој век. Тунелот под Кале можеби ќе го дочекаат моите внуци, ни вели граѓанинот Ѓоко Георгиевски.

Градоначалникот на Аеродром многу ветувања даде и многу пати дел од нив повторно вети дека ќе ги исполни. Аеродромци трпеливо чекаат. Како што впрочем и сите скопјани што чекаат – некои ветувања да се исполнат, а и чекаат локални избори да дојдат…

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО.