Градоначалниците немаат љубов кон градот туку имаaт интереси

Своевремено, во осумедесетите години од минатиот век, Рахим Бурхан го прославуваше градот со своите режии на претставите кои ги изведуваше Театарот на Ромите „Пралипе“. Животниот пат овој роден скопјанец го однесе да живее во Германија, но врските и мислите со и за Скопје не му се прекинати…

оКога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Домот и родителите и целото семејство, бидејќи бев најмалото дете во семејството и секогаш бев обиколен со моите браќа и сестри. Многу работи ги научив од нив што подоцна ми користеа во животот. Љубовта према книгата, филмот, музиката и други нешта.

оКое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Кај мене остана сласта на она Скопје кое беше до крајот на осумдесетите години. Ова денеска ми асоцира на сценографија, кулиси во театарот и се е ладно, натрупано, „Од шумата не се гледа дрвото”. Мојата професија е таква и не можам често да доаѓам во Скопје. Кога доаѓам ја губам шемата на градот. Дури имаше комични ситуации: од нередот, од тоа дека е градено едно врз друго, од што се нема прегледност, да ми се случи да не знам каде сум сега. Душата на градот е изгубена, ми фалаат главните координати на градот.

оДали Вие доволно му дадовте на градот?
-Мислам дека доволно му дадов. На многуте и можам да кажам најзначајните фестивали низ Европа каде гостував со театарот секогаш сум зборувал афирмативно за Скопје. Јас од семејството, особено од постариот брат, ја наследив таа љубов за Скопје. Тој ме научи да бидам горд на родниот град. Јас сум стар скопјанец и тоа ми претставува чест.

оСо што најмногу се гордеете во Скопје?
-Скопје треба да се гордее со својата култура, всушност со своите значајни уметници кои ги има во голем број. Тие го афирмираат и го афирмираа Скопје. Да не почнам да ги бројам бидејќи огромен им е бројот и не би сакал да не спомнам многу уметници.

оПреголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Мене ми се чини дека е преголемо и дека сијасет работи се растурени по Скопје. Не знам зошто? Кога сите се локал – патриоти, зошто сите се селат во Скопје? Треба сите други градови да се развиваат и да се градат. Нека ми простат, но вака се дволични: и према својот роден град ама и кон Скопје.

оСкопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Градоначалниците на Скопје треба да се заљубени во својот град, да го сакаат така како што ние знаеме како некои градоначалници во бившата Југославија си го сакаа својот град. Мислам дека тие немат љубов кон градот, туку имат некои интереси кои за мене се непознати.

оВо какво Скопје сакате да живеете?
-Морам да признавам дека многу пати ми се појавува желба да се вратам. Само бргу почнувам да ги бројам пријателите со кои би се дружел. Се плашам дека и таму ќе бидам осамен. Болно е во својот град да бидеш осамен. Луѓето го чинат градот, пријателите и се е врзано со луѓето. Еднаш на еден колега му го кажав дека би сакал да се вратам, сега сум пензионер и ќе можеме да се дружиме. Тој ме прашува со кого и така јас почнав да ги редам. Тој ме остави да ги наредам за да на крај ми каже: Сите тие веќе и меѓу себе не се дружат, дури и не се поздравуват. Бев шокиран. Во Скопје, во чаршијата, и во многу други кафеани и ресторани меѓу себе се знаевме, се поздравувавме и со многу се дружевме. Тоа Скопје ми фали и велам дека тогаш со мерак ќе се вратам. Дозволете на крај да ги поздравам скопјани и да ги поздравам пријателите кои ќе имат можност да го прочитат овој разговор.

оШто Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Не можам конкретно да одговарам бидејќи сум надвор од него иако внимателно, колку што можам од оваа далечина, следам што се се случува во градот и државата. Чинам дека требаше да се продолжи со модерната архитектура која беше зачната после земјотресот. Ах, лани кога бев во Скопје сфатив дека веќе не е градот како што јас го оставив.