Градот ни стана опасно место за живеење, има атмосфера на несигурност, нетрпеливост…

Познатиот актер Диме Илиев во Скопје живее веќе 48 години откако тука дошол од родното Неготино за да се предаде на актерската уметност. За својот град жали што е сменет на полошо…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Кога сум во странство, и кога ќе го кажам или ќе го слушнам зборот Скопје ми се јавува носталгија. Кога сум дома, ми се појавува слика на хаосот во сообраќајот и во урбанизмот, на нечистотијата која 90-процентно ја создаваме ние како граѓани. Тоа сме истите ние кои во странство внимаваме пикавецот да го фрламе во корпи. Ми се јавува слика на секојдневно возење со градски автобус до Драмски театар од кој забележувам како да поминувам низ 3-4 различни градови. Забележувам потиштени, осамени луѓе…

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Старото. Можеби е тоа заради носталгијата, заради жал за младоста. Но, не е само тоа. Се беше поинаку. Тогаш ја немаше таа отуѓеност меѓу луѓето. Имаше шмек и убавина. Сега, во автобус, на улица, народот или е замислен во себе, задлабочен во свои мобилни телефони или се кара еден со друг. Градот сега ни стана и опасно место за живеење, не си сигурен, има атмосфера на несигурност, потиштеност, нетрпеливост. Порано не беше така, тоа беше еден друг народ. Но, истиот тој народ сега стана поинаков. Станавме лоши, зајадливи, раздразливи…

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Како граѓанин, жител, постојано придонесувам градот да не биде загаден од моја страна, да се запазува хигиената онолку колку што можам како единка. Како актер, мислам дека дадов многу. Зад мене се 44 години на сцената, околу 2.000 претстави во кои сум побудувал најразлични чувства кај луѓето.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Тешко прашање, не знам што би кажал. Порано одев во Старата чаршоја, во центар… Сега таму ги нема липите, ги нема костените, го нема оној „Пелистер“. Се измени градот. Не знам со што би можеле да се пофалиме. Можеби со Градскиот парк. Таму кога одам како да среќавам поинакви луѓе, различни од оние во градот, во автобусите. Таму е подобро, порелаксирано…

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Скопје е како голема брана која се отворила и која без контрола се испушта. Да се намали не може, а веќе не може ни да се направи оно што и успеа на Љубљана. Не е проблем што се зголемува градот туку што тоа погрешно се прави. Наместо да се шири околу тој се набива во јадрото, внатре. Стари двокатни куќи стануваат десеткатници… Градот самиот се гуши, задушува. Лоша ми е прогнозата за градот.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Би одзел многу градби и не би дозволил да се градат нови. Се за да си го задржиме и да си го вратиме зеленилото, белите дробови на градот. Би ги одзел оние згради кои ги направија во име на профитот, при што не мислеа по кои тротоари ќе одат луѓето. Тие сега се заробени од возилата на оние што живеат во тие згради. Порано само на филмови ги гледавме мафијашките пресметки за некој простор во градот. Сега тоа дојде и кај нас.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Не му даваат доволно на градот. Како граѓани многу малку добиваме за возврат на тоа што редовно ги плаќаме сметките и ги исполнуваме другите обврски. Никогаш не сум можел да го поднесам тоа што шалтерите се ниски, тоа што како граѓани сме принудени да се наведнуваме пред некој службеник. Не сум можел да поднесам тоа што завршување на моја потреба зависи од расположението на службеникот. На голем дел од таа администрција не им се работи, а таа се плаќа токму за и од граѓаните.

Не би рекол и дека градоначалниците му дават на градот иако некогаш не знаеш дали тоа е заради тоа што е неспособен или заради тоа што му се врзани рацете. Ни требаат стручни луѓе на такви места.