Градот Скопје го повика МВР да интервенира против блокадата, Ленин Јовановски најави повлекување

Повик до Министерството за внатрешни работи да интервенира против сообраќајна блокада во Скопје од страна на приватните превозници денеска упати Градот Скопје. Генералниот секретар Зоран Глигоров денеска изјави дека тоа е потребно бидејќи со блокадите се проведува нечиј личен интерес врз штета на граѓаните.

Тој објасни дека уште на почетокот беа понудени решенија за проблемот ни тие некому не му одговарале..

-Застој во однос на вршењето на јавниот превоз во однос на ЈСП нема, туку целиот застој е поради блокадата од приватните превозници. Го повикуваме МВР да реагира согласно законска основа да преземе мерки. Одреден приватен личен интерес, врши штета на градот и на граѓаните. Што се однесува до јавниот повик, е една техничка операција, која во суштина е иста како и претходниот, со кој беа ангажирани чинителите. Има интерес од оние луѓе кои и до сгеа возеле. Јавниот повик е отворен и нема ограничување. Секоја што сака да врши дејност согласно правила и закон, може да се пријави, рече Глигоров.

Тој објасни дека сега се врши ревизија на должничко-доверителските односи врз основа на што точно ќе се утврди состојбата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски деновиве изјави дека тие немаат основ за интервенција со оглед на тоа дека протестот е уредно пријавен и одобрен.

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, чии превозници трет ден го блокираат Скопје, вели дека никој нема да се пријави на јавниот оглас на Град Скопје за линиите 20 и 22.

-Никој, претпоставувам, од превозниците нема да се јави, ниту од постојните, ниту некој нов. По логиката на нештата, кој би сакал да влезе, да врши работа, да биде во јавниот превоз и после неколку месеци да ви кажат: „Тужете нѐ за долгот, ќе ви ја одземеме работата“, рече тој.

Јовановски обвинува дека Данела Арсовска ја злоупотребила својата службена положба обесправувајќи ги приватните превозници. Тој ќе побарал и да биде повлечен од директорката позиција во „Слобода превоз“ за целата ситуација да не добива политичка димензија.

-Јас ќе понудам пред превозниците да се повлечам и како Ленин Јовановски и како „Слобода превоз“ од понатамошните процеси, ако веќе тоа беше некаква пречка. Или тоа гледам дека сега се актуелизира до тоа ниво, да некој тоа му е изговор за неспособноста да го реши овој проблем на приватните превозници. Сега јас ќе им го одземам тој комодитет за да можат да се правдаат вперувајќи го прстот кон мене како индивидуа, рече Јовановски.

Претходна вест„Исплива“ правилникот на Маск за вработените во Твитер: Напуштете ги бесмислените состаноци
Следна вестЖестоки протести во Солун и Атина поради малолетен Ром кој беше застрелан од полицаец