Градски советници од ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов за две недели вработи 423 партиски војници

Узурпација и партиски вработувања прави скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој само за последните две недели на платен список ставил нови 423 партиски војници, обвини денеска Советничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Опозициските советници потенцираат дека скопскиот градоначалник истовремено бесрамно зборува за стручна и ефикасна администрација и лее крокодилски солзи за Градската куќа за која прави криминална зделка.

-За само две седници на Советот на град Скопје Петре Шилегов предложи и од владејачкото мнозинство доби одобрение за 186 директни вработувања во градот Скопје на определено и неопределено време, 73 во Водовод, и околу 170 во ЈСП. Ниту е зголемен обемот на работа на градот и јавните претпријатија, ниту пак Скопјани чувствуваат зголемен квалитет во добивањето на услуги од градот Скопје. Овие партиски вработувања се само згрижување на партиски војници кои ќе бидат на товарот на град Скопје и Скопјани, наведуваат опозициските советници.

Тие додаваат дека како што тргнал трендот на груба партизација и две згради колку онаа на ЕСМ нема да бидат доволни да ја згрижат гломазната администрација на Шилегов. Според советниците, над 1000 луѓе се вработени за две години владеење на скопскиот градоначалник.