Граѓаните ги потсетуваат Шилегов и Богоев: Паркот во Карпош 4 ќе, ќе, ќе биде… ли?

Фотографии на кои се гледа ледина со отпадоци и високи треви на локацијата меѓу старата депонија и булеварот „Илинден“ кај адреналинскиот парк во Карпош 4 е мотив кој деновиве го споделуваат жителите од оваа скопска населба. Впечатливите фотки со неуреден простор се споделуваат во Фејсбук – групата „Заедно, за заштита на зеленилото во Карпош“, чии членови не кријат дека се револтирани од тоа што тука до сега не е направен парк.

Изградбата на нов градски парк, кој што ќе беше продолжение на Градскиот парк, инаку, беше едно од клучните ветувања како на скопскиот Петре Шилегов така и на општинскиот градоначалник на Карпош Стефан Богоев. Надежите дека паркот ќе биде направен се пројавија лани кога во февруари беше распишан конкурс за избор на идејното решение за изгледот на паркот. По тоа, како што најавија градоначалниците Шилегов и Богоев, требаше да се пристапи кон конкретна градба на паркот на 60.000 квадратни метри и кој ќе се надоврзеше и на Спортско – адреналинскиот дел кај Алпинистичката карпа. Во паркот покрај зеленило и дрвја, се планираше и ботаничка градина, како и содржини за спорт и рекреација. Сето тоа требаше да биде готово за неколку месеци…

Но, еве, помина и цела година од паркот ни трага. Граѓаните во своите коментари не го кријат незадоволството што тој не е направен.

– Барем дрвца да засадеа за почеток, па нека средуваат после. Срамота…. Ќе, ќе, ќе биде… Се планира, полека… Мајстори се на хартија да стават нешто и за прес конференци, за жал на терен никаде ги нема… Почекајте малку, не може се наеднаш, сега „Партизан“ да го завршат па ќе почнат со паркот… напишаа во своите коментари жителите на Карпош.

Од Градот и од општината нема најави кога конкретно би почнала градбата на паркот. 

Општина Карпошинаку, деновиве се пофали дека ја обележува хоризонтална и вертикална сигнализација на новопробиената улица „Новопроектирана“ 3 во Тафталиџе 1. Се бележат пешачките премини, а се поставуваат и сообраќајни знаци, со цел поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот…

Претходна вестНа местото на старата полициска станица во Ѓорче Петров направен паркинг
Следна вестШилегов за грчки медиум: Се надевам дека коњот ќе биде отстранет од централниот плоштад