Граѓански Фронт: Со продажбата на земјоделското земјиште се распродава и Македонија

Повлекување на предлогот за продажба на земјоделското земјиште од страна на Владата побара граѓанската иницијатива „Граѓански фронт“. Тие категорично се спротивставуваат на законското решение на кое работи Владата да се продадат до 50 илјади хектари државно земјоделско земјиште по ниски цени од 0,20 евра до 1 евро по метар квадратен или од 12 до 61 денар. По десет години вака купено земјоделско земјиште ќе може да се пренаменува. Се предвидува дека со ваква продажба Македонија би инкасирала 300 до 500 милиони евра, пари со кои ќе се враќаат стари долгови.

– Законот за продажба на земјоделско земјиште не се носи со намера да им се помогне на земјоделците туку зад него лежи намерата да се распродаде Македонија. Сакаат да не претворат сите во закрепостени селани и во робови кои работат во рудници. Таа сума од 300 до 500 милиони евра е смешна наспроти реалната цена, малку се и 3 милијарди евра. Ваков стратешки русурс не смее да се продава. Распродажбата на државна земја е криминал, изјави Јордан Трајков, Граѓански фронт.

Тој предупреди на поразителни искуства со ваква продажба која ги има Романија во која земја сега еден процент од населението поседува 54 проценти од земјоделското земјиште.

-Ќе мораме да увезуваме неквалитетна и скапа храна што уште повеќе ќе нѐ осиромаши. Уште пострашно е што зад овој закон стои намерата на квалитетно земјоделско земјиште да се овозможи градење односно урбанизација и по истекот на 10 години на таа земја сопственикот ќе може да отвора рудници, да го експлоатира рудното и минерално богатство на Македонија, потенцира Трајков.

Од Граѓански фронт предлагаат државната земја да се им распредели на сите граѓани, на рамномерен и фер начин. Сите кои сакаат да ја спречат Владата во ваквата одлука ги повикаа на мирен  протест на 24 мај.

Претходна вестСо втора доза се вакцинирани 25.650 граѓани, пријавени се над 330.500
Следна вестДевојче прободено со нож во училиште на Сицилија