Граѓаните прашуваат: Каде може да се видат 1.300-те километри патишта кои Ковачевски кажа дека се направени?

Тоа се само фалби. Македонија, се на се, нема толкава километража на автопати, вели граѓанинот Сашко Ѓорѓиев

Направивме километри и километри патишта, ќе правиме нови… Тоа се зборовите кои последниве месеци и недели многу често се слушаат од претставниците на власта кога е во прашање градењето во Македонија. Министрите сосе премиерот спомeнуваат стотици и стотици новонаправени килиометри. Така беше и вчера кога премиерот Ковачевски преку Фејсбук соопшти:

-Изградивме 1300км нови патишта во последните 5 години. Градиме квалитетна инфраструктура која на долг рок ќе придонесе кон нашиот економски развој, се пофали Ковачевски.

Ама граѓаните се прашуваат – каде се тие патишта, сакаме да се повозиме по нив?

-Тоа се само фалби. Македонија, се на се, нема толкава километража на автопати. Кога се работи за фалење ни Итер Пејо не им е рамен, ни вели граѓаниот Сашко Ѓорѓиев.

Каде и да заминеш од Скопје, се соочуваш со друга слика. Раскопани делници, стеснети коловози, но и градилишта на кои нема никој или одвај неколкумина работници. Така е ако се тргне кон Катланово, ако се тргне кон Охрид, ако се тргне кон Блаце… Застојот не е во изминативе месец-два туку повеќе: изградбата и реконструкција на овие важни сообраќајници доцни не една-две, туку веќе три и повеќе години!?

Но, од друга страна и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најавува градежна офанзива:

-Ќе почне да се гради автопатот Тетово – Гостивар, како и: Гостивар-Кичево, Требениште-Струга-Ќафасан, како и патот Битола-Прилеп. Ова останува приоритет, изјави неодамна тој.

Меѓутоа, граѓаните се скептични:

-Не верувам, кажете ми кој пат е направен. Со години стојат растурени многу патишта. Не е еден. Се лаже и се краде, револтирано вели Страшо Митровски.

Автопатот од Кичево кон Охрид се уште е далеку од завршеток. Се гради уште од 2014 година и не е завршен. Веќе повеќе од три години не можат да се заврши реконструкцијата на 10 километри од автопатот од Катланово до Петровец. Автопатот кон Блаце заглави… Сето тоа доволно зборува дека на фалбите за направените стотици километри и најавите за нови делници треба да им претходни завршувањето на веќе започнатите делници. Граѓаните, едноставно, не сакаат да се „возат“ на неисполнетите ветувања.

Друг да ги контролира парите

Марјан Митревски смета дека клучот е во контролата на парите за изградба.

-Што и да се почне прво се гледа профитот. Нашите политичари државата ни ја направија најкорумпирана. Сакаат богатство преку ноќ на сметка на граѓаните. Нашите патишта за едно 20 години донекаде ќе стасаат. Но, доколку има донации и оној што ги дава да ги раководи финансиите. Во спротивно, „папала меца…“, вели Митревски.