Грчките судски власти го регистрираа „Центарот на македонскиот јазик во Грција“

Завршување на официјална регистрација пред надлежните судски власти во Грција објави невладина организација Центарот за македонски јазик во Грција. Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени минатата недела, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата. Меѓу другото, Центарот за македонски јазик во Грција упатува јавна благодарност до адвокатот Кирос Спондис, за успешното окончување на целата постапка околу регистрацијата и впишувањето на нашата организација во судскиот регистар на невладини организации. Одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година. Претходно, Центарот поднесе барање за регистрација на организацијата, кое беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година.

Во судската документација Центарот се наведува со неговиот назив на македонски јазик – при што се користи македонското кирилично писмо.

-Ги повикуваме сите говорители на македонскиот јазик и неговите богати дијалекти во Грција, како и сите демократски ориентирани граѓани во државата, да ни се придружат во нашите напори за постигнување на соодветно и официјално признавање, кое сите ние го заслужуваме, соопштуваат од „Центарот на македонскиот јазик во Грција“.

Центарот за македонски јазик својата работа ја најави во јули годинава со организирање на бесплатни онлајн курсеви по македонски јазик. На интернет страницата на оваа организација македонски.гр е наведено дека курсевите се наменети за почетници, граѓани на Грција кои имаат малку или немаат воопшто познавање на стандардниот македонски јазик, за сите возрасни групи. Сите лекции се достапни во ПДГ формат ПДФ и видео формат. Тогаш беше и поднесено барањето за регистрација до властите во градот Лерин, објави порталот МКД.мк.

На веб-страницата е наведено дека активностите на Центарот се групирани во три основни области: образование, застапување и документација. Во областа на образованието целта е да се даде поддршка во напорите и легитимните заложби за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основно и средно) и универзитетите во Грција, лоцирани во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија.

-Поддршка за идното можно основање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постојните универзитети во Грција, во насока на обучување и образовно квалификување на локални наставници по македонски јазик, како и подготовка на соодветна наставна програма и наставни материјали, се наведува на интернет страницатана Центарот.

Целта е, исто така, застапување и поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција.

 

-Поддршка на иницијативи за заштита на јазичните права на говорителите на македонски јазик во Грција, вклучувајќи го правото непречено да користат свој јазик во приватната и јавната сфера, правото да ги користат нивните традиционални семејни презимиња, правото да регистрираат културни здруженија со цел негување на етнокултурниот и јазичниот идентитет итн. Спроведување на јавни кампањи за пробив и унапредување на јавната употреба на македонскиот јазик во Грција од страна на неговите говорители, вклучително и преку употреба на традиционалните топоними на населените места во северна Грција, заедно со сегашните топоними, наведуваат од Центарот.

Претходна вестСкопскиот Совет не најде решение за приватните превозници, нова блокада в петок
Следна вестПовторно за македонското прашање, а кажано пред еден век