Груби се правда за изјавата со Али Ахмети и народот: Згрешив со несреќна мешаница на зборови

Со несреќна мешаница на зборови погрешно ја претставив мојата намера во изјавата за Али Ахмети и народот, се правдаше синоќа вицепремиерот Артан Груби на својот профил на социјална мрежа Фејсбук. До ова дојде по реакциите во јавноста околу неговата вчерашна изјава. Врзано за случувањата во ДУИ и барањата за негова оставака упатени од „огнена група“ до лидерот Ахмети, Груби изјави дека: „Во овие околности во кои се наоѓаме, на Али Ахмети не му треба ДУИ, туку ДУИ има потреба од Али Ахмети. На Али Ахмети не му треба народот, туку народот има потреба од Али Ахмети“.

Во објавата на ФБ Груби напиша дека она што го кажал, не било тоа што сакал да го каже.

-Мојот однос со претседателот Али Ахмети е како односот на сите вас кои сте убедени во неговиот животен пат, неговата правда, неговата визија, неговата национална вредност за сите Албанци. Искрената намера на мојата изјава беше да ја истакнам неоспорната вистина дека на Али Ахмети му е потребен народот, колку што му треба на народот Али Ахмети, но една несреќна мешаница на моите зборови погрешно ја претстави намерата, за што, ми е криво, напиша Груби на Фејсбук.

Тој во неговата објава, во која во карактеристичен стил го фали и велича партискиот лидер, наведе дека Ахмети ја добил моќта за дејствување од народот и го има народот зад себе во текот на целото негово политичко работење.

Претходна вестПендаровски на церемонијата за старт на работата на гасниот интерконектор Грција – Бугарија
Следна вестНе притиснаа до ѕид, мора да се бориме…