Груевски: Мицкоски стана најголем сојузник на Заев

Христијан Мицкоски стана најголем сојузник со Зоран Заев кој го креираше и диктира политичкиот прогон против мене, изјави Никола Груевски, поранешен македонски премиер и екс-лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за белградска „Политика“ од Будимпешта, Унгарија, каде се наоѓа во политички егзил, тој рече дека соработката меѓу Заев и Мицкоски веќе не е тајна, ниту непроверена информација.

– Стојам зад тие изјави. Во меѓувреме стаса и јавна потврда од министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, за соработката меѓу Заев и Мицкоски, кога во интервју за македонски медиум истакна дека Заев на партиски состанок во седиштето на СДСМ го запознал раководството на партијата за содржината на разговорите со Мицкоски. Значи тоа веќе не е тајна, ниту непроверена информација. За жал, наместо да се бори да го порази Заев на политичката сцена и да помогне во запирање на неправдата која преку политички прогон ни е спроведена мене и на моите поранешни соработници, Мицкоски стана најголем сојузник со оној кој го креираше и диктира тој политички прогон. Заев направи непроценлива штета на Македонија, особено неговите ставови во врска со националните прашања, рече Груевски.

Тој додаде дека неговиот политички прогон трае со ист интензитет како и во минатите шест-седум години.

-Најголемо влијание во Обвинителството, судството и медиумите и понатаму има Зоран Заев, кој е неуморно посветен на мојот и прогонот на моите поранешни соработници. Заев се ангажираше кај судиите, обвинителите, и медиумите, некаде врши лично и политичко влијание, некаде финансиско, воедно контролира и голем дел од пратениицте на СДСМ. Покрај опсесивната посветеност на мојот случај, со иста енергија е посветен на инвестирање во странство на неговите нечесно заработени пари и зголемување на неговото богатство во работите кои ги контролира во Македонија, во енергетскиот сектор, производството на марихуана, градежништвото…, рече Груевски.

На прашањето дали се договорил со властите да биде ослободен со измените на Кривичниот законик, за што наводно ветил противуслуга, Груевски рече дека тоа не е вистина.

-Помина повеќе од месец дена откако се усвоени измените на Кривичниот законик и сега е сосем јасно дека таа измена не енаменета за мене. Тоа беше валкан спин со краток рок на траење. Да беше тоа така, да беше тоа во мој интерес, јас веќе еден месец ќе бев во Скопје и овој разговор би го воделе во Македонија. Меѓутоа, како што гледате и знаете, јас и понатаму сум во Будимпешта. Овие измени на Кривичниот законик имаат минорно влијание, што јавно го објаснив многу детално. Се додека трае политичкиот прогон не можеме да зборуваме за враќање во Македонија, рече тој.

Претходна вестЗастрелан осомничениот за убиство на двајца шведски навивачи во Брисел
Следна вестТероризам и во Италија, уапсени двајца