ГТЦ испорача загуба од 646.000 евра

Загуба во работењето во текот на минатата година од цели 646.000 евра објавил Градски трговски центар, покажуваат финансиските извештаи објавени на Македонската берза. Ова е за 11 проценти поголема загуба од онаа којашто беше остварена во 2021 година кога изнесуваше 581.000 евра.

Билансот на успех говори дека лани Градскиот трговски центар успеал да оствари оперативни приходи од 3,7 милиони евра, што е за два отсто повеќе од претходната 2021 година. Притоа, најголем дел од приходите се приходи од продажба на домашниот пазар, практично од закупнините што ги наплатува ГТЦ од корисниците на деловните објекти што ги издава. Односно, лани ова акционерско друштво остварило приходи од продажба на домашниот пазар од 3,69 милиони евра. Тоа е солиден раст од 9 отсто во однос на претходната година. Но затоа пак има пад кај останатите оперативни приходи, кои инаку не се голема и битна ставка, но кај нив намалувањето изнесува 86 проценти.

Кога станува збор за расходната страна, компанијата лани остварила оперативни расходи од 4,42 милиони евра, што е пораст од 3 отсто во однос на претходната година. Притоа, кај набавната вредност на продадените материјали и резервни делови трошоците се зголемени за 14 отсто. Трошоците за вработените, пак, лани останале целосно идентични со оние од 2021 година и тие биле на ниво од 1,68 милиони евра.

Од компанијата во своето образложение за финансиските резултати велат дека во иднина нивна главна цел е да работат со добивки, а тоа важи и за оваа година.

-Целта на нашето работење е да оствариме позитивни резултати во наредниот период за тековната 2023 година, со максимално ангажирање и целосно искористување на капацитетите со кои располага нашето друштво, се вели во објавата на Берзата.

Претходна вестМицкоски: Притисоците ќе се засилат јас нема да отстапам ни милиметар
Следна вест„Тигрите“ уапсија двајца арачиновци, кај нив пронајдени вреќи со марихуана