Хероите Боро, Бајрам, Перо… сложно се бореа и заедно загинаа за Македонија

Само ден по кревањето на востанието на 11 октомври 1941 година против фашистичките окупатори во Македонија во кумановскиот крај се формира Карадачкиот партизански одред. Ноќта на 12-ти октомври 15 борци се собрале на зборното место „Менкова колиба“, четири километри јужно од Куманово. 12 биле Македонци, двајца Албанци и еден Хрват и сите решени да се борат за слобода на народот и Македонија.

Веднаш тргнале меѓу народот во карадечкиот крај за да го разгорат востанието. Во утринските часови на 13 октомври Одредот пристигнува во реонот на село Белановце и се засолнува во една напуштена воденица кадешто почнале да се подготувуваат за предвидените задачи.

Но, на сцена стапил – предавник. Откако дознал дека одредот се наоѓа во воденицата, селскиот кмет веднаш ја известува бугарската полиција во Куманово. Веќе следниот ден, на 14 октомври, в зори, бугарската окупаторска војска и полиција, под команда на поручникот Љубомир Цеков, го напаѓа одредот и по едночасовна херојска борба на партизаните седуммина борци на Одредот загинуваат: Боро Менков, Перо Георгиевски – Чичо, Магдалена Антова (прва жена борец од Македонија која загина во НОВ), Киро Бурназовски, Аритон Димковски – Тонко и Бајрам Шабани, а Наце Ивановски – Буѓони е стрелан на лице место. Останатите осум биле затворени и на судењето биле осудени на смртна казна којашто подоцна им е заменета со доживотна робија.

Излезе дека само по два дена по формирањето, Одредот на денешен ден 14 октомври 1941 година, даде и многу жртви. Таква жртва и херојство останале запаметени: тројца од загинатите Боро Менков, Бајрам Шабани и Перо Георгиевски – Чичо во 1951 година се прогласени и за народни херои.

Боро Менков, роден во мај 1919 година во Куманово, во сиромашно семејство, веднаш по окупацијата на Македонија станал еден од организаторите на востанието во кумановско. Собирниот центар за оружје се наоѓал во неговата куќа, која подоцна била претворена и во тајна работилница за експлозивен материјал. Во работата помагале и неговите браќа. На 12 октомври 1941 година бил назначен за командант на Карадачкиот партизански одред за да потоа херојски загине.

Херојски загинува и Бајрам Шабани, роден во октомври 1922 година во Липково, кумановско.  И тој потекнувал од сиромашно семејство, а веќе во септември 1941 година Шабани е дел од групата која, по наредба на кумановската партиска организација, го проучува просторот на делување на Карадачкиот партизански одред. При престојот на групата во селата, Шабани на албански јазик ги убедуваше своите соговорници дека бугарската власт е ненародна и дека ги пљачкосува и Албанците и Македонците. Бајрам беше во стројот при формирањето на Карадачкиот партизански одред, а по заседата во борбата тој загинува држејќи отстапница на своите другари. Во моментот кога ја фрлил последната бомба, бил погоден од митралески оган и паднал мртов.

Во борбата херојски загинува и Перо Георгиевски – Чичо, роден во 1918 година во Куманово, а кој во Одредот бил политички комесар. Веќе со 15 години бил член на СКОЈ, а потоа и на КПЈ, за да пото аактивно организира чести работнички штрајкови во Куманово, а ги предводел и демонстрациите на 27 март 1941 година во Куманово. Потоа следело и вклучувањето во Одредот и загинувањето со своите соборци.

Но, ова не била единствена голем загуба којашто се случила на 14 октомври 1941 година во Македонија. На тој ден се случиле вистински масакри коишто германски фашисти ги сториле во повеќе македонски села. Така, во селото Крупиште, Штипско, како одмазда за борбата фашисти со вперени пушки влегле во куќите и ги собирале мажите од 15 до 60-годишна возраст, а притоа пукале во секој што ќе почнел да бега. Злосторниците влегувале во куќите и ги гореле заедно со добитокот. Слично било и во други региони.

Претходна вест„Лајка“ денеска организира изложба на нерасни кучиња
Следна вестМакедонија на мегдан со Украина во Прага