Спомен обележје во чест на ликот и делото на загинатиот припадник на македонската полиција, Игор Драганов е откриено во организација на Здружението на бранители на Македонија. Драганов загина на 24 октомври 2007 година во оружениот инцидент што се случил кај месноста Кодра Фура во близина на селото Танушевци кога врз џипот со кој тројцата полицајци оделе во редовна патрола пукале засега непознати лица. По нападот џипот излетал од патот и се превртел.
Обележјето го открија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалник на скопската општина Аеродром Тимчо Муцунски.
-Ве уверувам дека Игор засекогаш ќе остане запаметен по своите херојски дела и вечно ќе живее во колективната меморија на сите наши граѓани, а неговата храброст и пожртвуваност ќе биде инспирација за идните генерации. Свесни сме дека овој паметник подигнат во чест и сеќавање на Игор никогаш нема да ја исполни празнината што вечно ќе постои, но сите ние – неговите колеги, пријатели, сограѓани и сонародници – сме повеќе од должни и обврзани не само да го чуваме споменот, туку и со нашето секојдневно работење и однесување да докажеме дека херојскиот чин на овој 24 годишен скопјанец, нема да биде заборавен, рече Спасовски.
Игор Драганов живееше во населбата Долно Лисиче, а имаше 24 години кога загина. Уште во основното училиште бил најдобар во генерацијата, а по завршувањето на средното образование во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ се запишал на Воената академија. Како подофицер со чин водник служел во Охрид, Кичево и во Крива Паланка. Во 2005 година преминал во Граничната полиција и оттогаш бил постојано на служба во Танушевци.