Хрватска влезе во Шенген-зоната и почна да го користи еврото

Хрватска од ноќеска на полноќ и официјално стана 20-та членка на еврозоната, монетарната унија на Европската унија (ЕУ) во која официјална валута и единственото законско средство за плаќање е еврото, втората најважна светска валута.

Хрватските граѓани и во наредните две недели ќе може да плаќаат во готово во куни, но кусурот најчесто ќе се враќа во евра. Станува збор за период на двојна циркулација што започна денеска и продолжува во наредните 14 дена, односно до 14 јануари 2023 година во 24 часот.

Бидејќи дел од банкоматите се исклучени поради преминувањето на еврото, а со оглед на тоа што бројот на достапни банкомати на нивните банки сега за граѓаните е ограничен во однос на редовното работење, од 15 декември 2022 до 15 јануари 2023 година, нема да се наплаќа провизија за подигнување готовина со дебитни картички на банкоматите на другите банки во Хрватска.

Хрватска на полноќ го одбележа влезот во Шенген зоната со симболично отстранување на плочата на граничниот премин Брегана, подигнување на рампата и зелено светло за слободно поминување на местото на поранешната гранична контрола, кое замина во историјата Во првите 15 минути по полноќ, во Словенија без контрола од Хрватска влегоа десетина автомобили кои со звукот на сирените ги поздравија насобраните полицајци. Рампи се кренати и на граничниот премин со Унгарија.

Од денеска, Хрватска е членка на најголемата област на слободно движење на стоки и луѓе во светот, која ги вклучува сите членки на Европската унија, освен Бугарија и Романија, Кипар и Република Ирска и четири други земји кои не се членки на ЕУ: Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.

Претходна вестНас ни треба Дедо Мраз што ќе однесува, а не што ќе донесува
Следна вестНеобична новогодишна желба на скопјани: Ветерот да дувне…