Во Хрватска се ограничуваат цените на горивата на бензинските пумпи надвор од автопатските делници, соопшти денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. По телефонската седница на Владата тој објави дека на сите бензиски пумпи, освен на оние кои се на автопат, од утре цените на горивата се фиксирани. Литар дизел е 13,08 куни, а бензинот 13,50 куни. Синиот дизел ќе се продава по цена од 9,45 куни за литар.
На автопатиштата цените на горивата растат, па така литар дизел од утре ќе биде 13,57 куни, а Евросупер 95 – 14,06 куни.
-Одлучивме повторно да интервенираме. Ги фиксираме односно ограничуваме сегашните цени на сите бензински пумпи, освен на тие кои се наоѓаат на автопат. Таму ќе има раст на цената, изјавил премиерот Андреј Пленковиќ.
Владината интервенција со која се фиксираат цените, според Пленковиќ, се однесува на 94 проценти од бензиските пумпи. Оваа мерка ќе трае две недели.
Како што појасни, со вака донесената мерка се заштитуваат граѓаните и државата, односно се прави баланс со цените на бензиските на автопатиштата, особено во ек на туристичка сезона.