Хуманитарен настан во МКЦ за помош на настраданите семејства во Турција и Сирија

Денес, 18 февруари, со почеток во 19 часот, во Младинскиот културен центар ќе се одржи хуманитарен настан со наслов „МКЦ е солидарност!“ за помош на настраданите од земјотресите во Турција и Сирија.

Во рамките на настанот ќе настапат музичките групи „Доријан“ и „Добрила дуо“, Џенгиз Ибрахим, Зарина Првасевда…

– Со оглед на последните случувања во врска со катастрофалниот земјотрес што ги погоди централниот дел на Турција и северна Сирија, ЈУ Младински културен центар како институција основана во постземјотресно Скопје, како проект на светската солидарност, чуствува должност и потреба да се вклучи во хуманитарните настани што се случуваат во овие тешки денови и даде свој придонес за помош на погодените семејства, велат од МКЦ.

Покрај музичкиот дел, ќе има и аукција на ликовни дела од локални уметници, како и изведба на театарската претстава „Шопинг енд факинг“ во продукција на НУ Турски театар Скопје.

Влезниците за театарската претстава и музичката програма се наплаќаат засебно по симболична цена од 150 денари, со можност публиката да откупи и повеќе билети. Собраните средства од аукцијата на ликовните дела ќе бидат исто така дел од сумата за донација.

Хуманитарната помош ќе се исплати во целост и ќе се донира на сметките отворени за оваа намена преку Црвениот крст, а средствата од делата продадени на аукцијата ќе бидат донирани во поставените кутии од Црвениот крст на Град Скопје.

Во Џебното кино закажана е бесплатна проекција на серијалот „Турски чај“ во режија на Петра Селишкар.

Претходна вестТатко и син ги тепале сопругата и ќерката во скопско
Следна вестMразот на Антарктикот достигна нов најнизок рекорд