И најскапото новогодишно украсување нема да го сокрие запустеното на улицата и плоштадот „Македонија“

Можеше ли дел од 285.000 евра да се потрошат понаменски?  

Не сум да нема прослава и украсување на Скопје, но не мора сите пари за тоа да одат, туку дел и за поправки да се одвои. На плоштадот и на улицата не смее да има ниту една фалинка, а не како сега –цел куп, ни вели скопјанецот Филип Ивановски.

Градоначалникот Шилегов се потсмеваше на претходните власти и неговиот соперник Коце дека ставале од предната страна на зградите фасада, а од позади се се распаѓало. Сега тој го прави истото, краткотрајно шминка нешто што требаше прво да го поправи, вели центарецот Оливер.

Градоначалникот Шилегов секој ден дозирано ни кажува колку Скопје ќе блеснело за Нова Година. Некои од украсите веќе се поставени. Се чека дигиталната елка, куќичките, разни други украси… кои посебно ќе блеснат на главниот плоштад и на улица „Македонија“. Од градската каса ќе се платат неверојатни 285.000 евра. Тоа е разубавување кое ќе биде најскапо до сега: за 30.000 евра поскапо од минатогодишното и тоа во ситуација кога за настапот на Дино Мерлин, Градот нема да плати ништо.

Новогодишниот сјај ќе трае сигурно и дваесетина дена во 2020 година, а потоа светилките ќе изгаснат… Новогодишната шминка ќе избледне… Дали по тоа централната градска улица и плоштадот ќе станат поубави и поуредени отколку што се сега? Многу пари ќе се потрошат, а запоставената ул. „Македонија“ пак ќе си остане запоставена?

Секоја десетта плочка на плоштадот и на улицата е расклатена или скршена. Клупите плачат за реновирање, тарабите од „вечните“ градилишта стојат полуисправено… А состојбата е таква со години…и скопјани сметаа дека тоа не се поправа бидејќи нема доволно пари. Но, еве пари за новогодишна шминка има! Дали дел од големите пари што сега ќе и се дадат на фирмата која веќе десет години го украсува градот, не можеа да се потрошат за средување на улицата и плоштадот?

-Не сум задоволен од тоа како се одржуваат улицата и плоштадот „Македонија“. Кога дојде Папата во Скопје нешто се потсреди, но сега пак е се по старо. Плочките се раклатени, извалкани, светилките оштетени, зјајат празни дупки на кои може да се насадат дрва… Сето ова треба да се поправи. Не сум да нема прослава и украсување на градот, но не мора сите пари за тоа да одат туку дел и за овие поправки да се одвои. На плоштадот и на улицата не смее да има ниту една фалинка а не како сега – цел куп, ни вели скопјанецот Филип Ивановски.

Само кусо обиколување кое што го направи екипата на „Скопско ехо“ покажа колку овој граѓанин е во право. Први новогодишни украси што ги сретнавме се поставени на столбовите за улично осветлување веќе на самиот почеток на улицата „Македонија“ кај Стара железничка станица. Канделабрите се одамна расклимани, со откорнати капаци, неисчистени од залепените плакати…Покрај нив со години стојат празни дупки во кои некогаш имало дрвја, а сега се чека некому да му текне да засади повторно. Клупите за седење, пак, се повеќе пропаѓаат оти не се лакираат за да се заштитат од дождот и снегот. Малку понатаму, кон центарот веќе е ризично да се оди и да се погледнува нагоре кон поставените новогодишни украси. Само мало кревање на главата може да предизвика сопнување од расклиманите плочки кои ги има најмногу во близина на незавршената црква. Натаму по улицата пак среќаваме празни места за дрвја, за клупи заврзани печки за печење костени… Кучињата-скитници се веќе одомакинети, а минувачите внимаваат да не направат нешто за да бидат искасани. Блиските кафулиња, чии тераси се прекриени со најлонот, дел од улицата на кој е лимена тараба од недовршената црква го претвориле во пунк за собирање на гајби од пивото. И тука улицата има расклимани плочки заради што секој минувач ќе мора да внимава кога ќе поминува по нив и под поставените новогодишни украси… А посебно да нагласиме дека улицата е претворена и во паркинг иако тоа треба да е најстрого забрането…

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник „Скопско Ехо“.