,,Нашите општини се презадолжени и превработени“ – читаме во медиумите. Некои од нив секој свој жител го задолжиле со над 1.000 евра, но тоа јавно не им го соопштуваат на своите граѓани. Долгот не го враќа оној што го направил. Вкупните нивни долгови се доближуваат до една четвртина од нивните вкупните буџети. Тоа значи дека граѓаните не добиваат ниту 75 отсто од она што треба да го добиваат од своите општини. Загубата од 25 проценти е огромна, тоа е големо наше заостанување зад светот. Добра илустрација за овој проблем е големината на долгот на пет најзадолжени општини (Општина Охрид 16 милиони евра, Тетово 15, Карпош 8, Битола 5, Струга 4 и Куманово 3,7).
Сегашното решение е следно: – неспособноста за плаќање на долговите (неплатен долг од 90 дена, блокада од 30 дена и задолжување над максимално дозволеното), која се нарекува финансиска нестабилност (префинето), се решава во посебна постапка за надминување на финансиската нестабилност, но откако градоначалникот или претседателот на Советот на општината ќе поднесат известуваање до Министерството за финансии (!?). Досека таков јунак не сме имале. А зар е можно некој сам за себе да поведе постапка за одземање на ингеренциите? Сегашното решение е неспособно да ја разреши неспособноста на градоначалниците.
Некој не треба да создава обврски кои не може да ги исполни. Каква финансиска дисциплина бара од мене, ако таа не е дисциплинирана. Никој од нас не сака неговата општина да живурка со децении, туку да оздрави за 2-3 години. Мојата општина не сакам да живее со финансиски дефицити, оти тоа значи дефицити во демократскиот развој, во остварувањето на човековите права и др. Ако мојата општина забавува со развојот, заостанувам и јас.
Локалната самоуправа мора да стане наша силна компаративна предност. Ако некогаш, според фискалната положба на општината, сме биле лидери во светот, тоа го можеме и денес да го направиме.