Уште едно „ќе“ во форма на ветување за реконструкција на скопското обележје Универзална сала. Да може да зборува и на салата веројатно ќе и преседнеше од толку зборови, а ништо на дело. Последново ветување стигна вчера после претходното на 29 октомври, но е поразлично: ќе се реконструира во постојната големина и со постојниот изглед, а Град Скопје, со ребалансот на државниот буџет кој е во собраниска процедура, ќе добие 2 милиони евра за тоа. Градоначалникот Петре Шилегов вели по префрлањето на парите на наменската сметка, ќе се распишел тендер за изведувач и до крајот на годинава ќе се почнело со работа.
-Нема да се врши доградување, ниту надградување бидејќи од Асоцијацијата на архтекти на Македонија кажаа дека на постојната локација поголем објект не може и не смее да има. Ќе се реновира внатрешноста и надворешноста на објектот и наесен догодина ќе биде спремен за концертнатата сезона, вели Шилегов.
Последното ветување не значи дека ќе биде и конечно. Барем не за скопјани. Тие се сомневаат додека не видат работа на терен. А сомнежот е легитимен оти ветувања имаше куп. Во последнава година беа надополнети со варијанти да се урива и да се гради на друга локација и за што се одржаа дури и дебати по што се застана на неколку опции – Постојната сала да се реизгради на истото место; да се изгради нова сала на нова локација, или, во исто време и да се обнови стариот објект и да се гради нова сала.
Скопјани многу добро се сеќаваат дека нејзината обнова беше едно од клучните предизборни ветувања на Шилегов на локалните избори во 2017 година. Три години подоцна, ништо не е направено за исполнувањето на оваа ветување. Така, на пример, по доаѓањето на власт Шилегов со тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски потпиша „писмо за намери“ за нејзина обнова во 2018 година. Но и тоа не се оствари. Во мај 2018 имаше најави дека реконструкција ќе следи во 2019 година. Последното ветување е од април годинава кога Шилегов рече дека проектот годинава ќе се реализира и од причина што Скопје е кандидат за европскиот град на културата во 2028 година. Претходно, во декември минатата година беше најавено дека изградбата на нова сала ќе започне веднаш во јануари годинава и дека ќе биде распишан конкурс за идеен проект бидејќи два проекта кои веќе постојат не се добри.
Крајот на годината, според последната најава на градскиот татко е блчизу, па бргу и ќе разбереме дали и во последново ветување има вистина?