И патриоти и предавници – „прогресивци“.

Колумна на Владимир Величковски:

Збунети сме, не знаеме кој пат да го фатиме од грижи и се поголемата сиромаштија (не сме ја научиле лекцијата) додека партиите со сите средства се борат за власт. Гордост и предрасуди! Потпишувањето на билатералниот протокол во Софија (со одредени делови) наместо малку повеќе надеж донесе поголема скептичност: сепак станува збор за сложен и неизвесен процес (покрај позитивните зборови) затоа што покрај „сензитивниот компромис“ кој нам ни обезбеди повеќе барања и условувања, што значи отфрлање на критериумот и принципот на реципроцитет. Таквата „победа“ беше означена со поздравен говор и природниот гест со подигнати раце. Другата страна (опозицијата) ја обвинува власта дека обезбедила срам и капитулација за Македонија. Во секој случај, нашиот пат е поплочан со ново „одење по маките“ и потреба од добри и искусни дипломати загрижени за иднината на земјата. Меѓутоа, нели овој народ наоѓа сродност со троскотната трева „Пиреј“ (П. Андреевски)?! Опозицијата реагираше со протест на улица но и со грди навреди кон власта, како и спрема гостите од странство: протестот го и изразија со кинење (по неуспешно палење) на „францускиот предлог“, потоа со плискање црвена боја (што може да значи револуција но и крв) и со „герила акција“ кога група маскирани лица (што може да значи – говори некој друг) кои упатија критички зборови кон власта пред Собранието. Тие, на собраниската седница, на различни начин го попречуваа искажувањето на претставниците на власта. Ни се случи збрка од типот: и патриоти и предавници да бидат „прогресивци“. Кутрите ние, моќните земји не притиснаа до ѕид, беспомошни и затоа ни преостанува (многу неопределено) чувството дека сме ја добиле нашата „историска шанса“ да се најдеме во друштво со развиениот свет. Во секој случај, треба да се води сметка за иднината на младите поколенија, ама не по висока цена на губење на својот идентитет и историја. Не е се јасно определено во протоколот што конечно и го претставија на јавноста. Мора, секако да се сочува сопственото чувство на достоинство, национална самосвест и морален дигнитет. Притоа, не може да го негираме чувството дека живееме во време на апсурдности, како веќе да не посетил С. Бекет, а ниту се роди некој нов бучен панк-рок. Што може да се рече друго кога ќе видите дека и професори, како и сите други, заземаат партиска страна а проповедаат некаква „слободна мисла“?! Рамнодушноста на луѓето е лошо решение, но што со губење на духот и енергијата? Секому е потреба нова психотерапија, кога сме толку несреќни и исплашени. Читаме книги и гледаме филмови ама тоа не е непосредниот живот. Културата и уметноста како да ги измислил некој друг. Сето тоа е редуцирано до крајни можни граници но затоа може да погледнете опширен ТВ прилог за народниот празник „Пивофест“ во Прилеп или за чопори кучиња-скитници во Струга или бомбастична вест дека во скопската Зоолошка градина се случил неверојатен „колеж на десетина коњи“, објавено без да ја слушнат изјавата на директорот, кој експресно е казнет. Хорор и безумие од сите страни.

Зошто, наместо редење сувопарни историски факти, не размислиме за пишување на поинаква историја на чувствата, на „внатрешните“ доживувања на луѓето. Порано карикатуристите го исмеваа едноумието со цртаната хуморно обликувана тема на овчар (пастир) со стап во раката пред мирно збиено  стадо овци на послушните членови на партија. Карикатуристот и автор на анимирани филмови Боро Пејчинов е во таа група на цртачи – мајстори на мотивот – овца. М. Енхолт вели: „Направив филм за овците затоа што се пионери на цивилизацијата“. Убаво речено, ама ние неодговорно години наназад го осиромашуваме овчарството и руралната средина. Денес е многу изразен проблемот со производство на храна и особено еколошката ерозија. Во Карпош се загадува животниот амбиент со неконтролиралното градење, особено на приодот кон кејот на реката Вардар. Рамстор – Сити мол, особено во недела се полни со купувачи кои не водат никаква грижа за заштита од новиот ковид – бран, што не е ништо ново. Се пофалија дека ги казнувале несовасните возачи, но се уште царува сообраќајниот метеж: дали некој ги казнува и несовесните полицајци, кои доаѓале и од Велес? Некогаш убавиот скопски предел „Трнодол“ (каде што се наоѓа куќата, порано ателје на вајарот Димо Тодоровски) стана стеснето и грдо место за живеење благодарение на густо подигнатите приватни куќи. Се според законот, ќе речат најверојатно надлежните. Дали некој ќе се сети да ги потсреди страничните делови на Старата скопска чаршија, како и низ другите градови? На протестите против „францускиот предлог“ беше искажан зборот „револуција“ без додавки, а младите со диплома се иселуваат или работат како шанкери.

Бугарската власт објави уште една декларација за напризнавање на македонскиот јазик чие упорно преповторување делува шизоидно и фрустрирано, со агресивно искажани аспирации кон соседната земја. Земја, членка на ЕУ, од нас бара да го елиминираме „говорот на омраза“ кон нив, а самата си дозволува во секој поглед да не понижува и потценува со повеќе примери на отворен „говор на омраза“. Оваа соседна држава бесрамно ја наметнува нивната  историска вистина која треба да се однесува и на Македонската историја, поткрепена со оригинална документација. Само еден пример: како може да го негираат постоењето на весникот „Фашист“ на бугарските фашисти фотографирани во Скопје, а тие со несфатлива упорност ни наметнуваат свој поглед дека тогашната фашистичка власт имала улога на „администратори“, покрај злосторствата направени низ Македонија?! Време на саморазобличување кое го повикува „Кикотот“ на Милан Кундера.

Претходна вестМинистерот за здравство Сали: Во случајот „Жан Митрев“ никој нема да биде над законот
Следна вестБензините поевтинуваат за 2 и 2,5 денари