И понатаму ли мислат дека со клечење и отстапки ја носат Македонија на добар пат?

Скопјани со оценка на владејачката дипломатска стратегија:

Едно се договара, а отпосле другата страна со уцена си го добива своето. Стратегијата е комплетно промашена. Со Бугарија се знаеше дека ќе одат на картата дека не постои македонски народ, јазик и историја. Достоинството ни го газат од сите страни, смета граѓанинот Гиго Вета

Со виткање рбет се станува функционер во Македонија, па си помислија дека така треба да прават и во Брисел, Атина и Софија и се ќе се заврши добро, ама излезе дека сега им бараат да се скрши рбетот на македонскиот народот и сега се препелкаат и не знаат што да прават, е коментарот на скопјанецот Сашо

Врз Македонија се изживува кој ќе посака. Сега е актуелно новото понижување кое ни стигна од Софија која упорно тврди дека не поддржува, ама ако се самоукинеме како народ. Додека да решиме дали ќе се самоуништиме, тие ќе ни ставаат вето за преговори во ЕУ.

Ваквото изживување, главните функционери од македонската власт мислеа дека нема да се случи. Зошто е така? Зошто беа оптимисти дека ќе има напредок на македонскиот пат кон како што велат „безалтернативната“ ЕУ?

Разговаравме со десетина скопјани и повеќето од нив сметаат дека македонскиот премиер и претседател, но и останатите функционери и нивни медиумски подржувачи и експерти, биле оптимисти само затоа што сметале дека со умилкување и виткање рбет се оди напред.

– Со виткање кичма се станува функционер во Македонија, па си помислија дека така треба да прават и во Брисел, Атина и Софија и се ќе се заврши добро, ама излезе дека сега им бараат да се скрши кичмата на македонскиот народот и сега се препелкаат и не знаат што да прават, е коментар на скопјанецот Сашо.

А кога пред три години се потпишуваа договори со Бугарија и со Грција се велеше поинаку: дека со тоа ќе завршат маките на Македонија и на народот, дека ќе се отворат портите на НАТО и ЕУ. Излезе дека не било така, туку дека отстапките кои се направени со договорите немаат крај и дека по една следува барање за друга отстапка.

Со тоа се урива она највредното што го има секоја држава, секој народ: нивната историја, посебност, достоинство, чест, углед и иднина. Прашањето сега е дали  политичарите извлекоа поуки или и понатаму самите ќе помагаат за да се понижува народот.

– Едно се договара, а отпосле другата страна со уцена си го добива своето. Стратегијата е комплетно промашена. Со Бугарија се знаеше дека ќе одат на картата дека не постои македонски народ, јазик и историја. Достоинството ни го газат од сите страни. Македонскиот народ, идентитет, јазик, постепено се ништи 30 години, вели граѓанинот Гиго Вета.

Катастрофална стратегија на попуштање и молење

Граѓанинот Вета е само дел од оние кои гледаат што се случува и паметат што се правело како отстапка и што се најавувало.

– Република Бугарија го поддржува приемот на РМ во ЕУ и НАТО без поставување услови и со желба за пренесување на своето искуство, изјави пред три години премиерот Зоран Заев при потпишувањето на Договорот за добрососедството со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Сега излезе дека имало услови и тие се поставуваат и тоа жестоко барајќи од македонците да прифатат „историски бугарски корени“ на македонскиот јазик и идентитет. И сега, што? Ова е нагло вртење на бугарскиот став или Заев сосема друго ни објаснуваше пред три години, а сега друго?

Претходно, во јавноста е објавен и бугарскиот Меморандум до земјите на ЕУ во кој за македонската нација се тврди дека е „проект на Титот за поткопување на бугарскиот идентитет“ и дека македонскиот јазик „не постоел до 1944 година“, дека Гоце Делчев е Бугарин, дека бугарската армија во 1941 година не била окупатор во Македонија туку ослободител…

За сето ова познатиот македонски историчар Тодор Чепреганов неодамна прокоментира за „Скопско ехо“.

-На Бугарија сега во тоа им помагаат наши актуелни политички елити. Односно, им помагаат во тоа што залудно пред 150 години се обидуваа соседите со пропагандите во Македонија – да го разнебидат македонскиот идентитет – сега и да го остварат, потенцира тој.

Реагираат и граѓаните кои сметаат дека стратегија на власта е погубна за Македонија.

-Апсолутно се гледа дека нашите најодговорни политичари не го чуваат доволно достоинството на државата. Тоа е пример за нација со мали вредности, што секако не го заслужува македонскиот народ, смета граѓанинот Горан Пејовски.

Слично беше и кога се потпишуваше Преспанскиот договор со Грција и со кој Македонија направи големи отстапки: нашите преговарачи прифатија да се смени името на државата, се откажаа од дел од античката македонска историја, го проблематизираа македонскиот идентитет. За возврат е симнување на грчкото вето за прием на нашата земја во НАТО. Но, сега и таму се чекаат резултатите од заедничката интердисциплинарна комисија на експерти за историски, археолошки и образовни прашања… Никој не знае што ново ќе ни се наметне ако вака се продолжи со водење на политиката во земјава.

Молчат наместо да ги кажуваат аргументите кои ги имаме

Она што скопјани го замераат е и фактот дека нашата држава и дипломатија не прават доволно пред светската јавност да се покаже дека ваквите условувања се без каков и да е основ. Поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов по најавата на Бугарија за вето, за „Скопско ехо“ изјави дека шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Заев требаше да се „растрчат по Брисел, Париз, Рим… за да објаснат дека ова не смее да биде пречка за нашата евроинтеграција и дека бугарскиот меморандум е спротивен на европската идеја“. Ама такво растрчување немаше, немаше кој да објаснува какви се историските факти… Се избра тактиката да се молчи и да се манифестира некаква си трпеливост. Дали ЕУ ова го разбра како добар потег или го разбра како недостаток на аргументи и решителност во одбрана на својата нација се запрашале ли Заев и Пендаровски?

– Македонски политичари 30 години водат реактивна наместо проактивна политика во однос на сите прашања. Прашање на достоинство на држава е на удар од самото осамостојување. Градење на достоинствена држава подразбира перспектива. Достоинствена држава можат да градат слободни храбри и достоинствени луѓе. Успешни политичари остваруваат стратегиски национални цели. До сега такво нешто не се случило за жал. Наши политичари само имаат желби. Така не се постигнува ништо. Затоа се и проблемите со кои се соочуваме како општество. Кога нема општествено инклузивно изграден и донесен Меморандум на МАНУ како стратешки документ за Македонско национално (државно) прашање како општество, а не како народ, тогаш кои аргументи ги браниме или претставуваме пред меѓународна заедница како расштиман оркестар, потенцира граѓанинот Дејан Божиновски.

Излегува дека нашите политичари го остваруваат она што уште како тогашен опозиционер го најавуваше актуелниот премиер Зоран Заев, дека „мора да ја свиткаме кичмата и да се направат отстапки околу името“.  Во тоа виткање на кичмата се оди се подолу, а проблемот не е веќе кичмата на Заев туку на државата.

-Во ниеден случај овие политичари не го чуваат достоинството на државата Македонија. Точно е дека молат и клечат како продадени души само за лични интереси од матерјална корист и работаат против националните интереси и против народот, смета граѓанската Флорина Цацески.

На што ги учиме младите?

Граѓанинот Дејан Божиновски предупредува дека со ваквиот однос на нашите политичари се дава и лош пример на младите генерации.

-На младите се дава само лош пример “криминалот и нечесност се исплати”, “наведната глава сабја не сече” , “виткање на кичма за да се успее” и ред слични општествени небулози кои се дел на наше национално миље на битисување. Во такво општествено опкружување е мошне тешко да се изгради млада, здрава, достоинствена личност, која утре ќе биде на браник на слободата и правата на Македонија, потенцира Божиновски.

 

Претходна вестНа што ни мириса главниот плоштад?
Следна вестСрпскиот претседател Вучиќ им честита на македонските фудбалери, ќе бидеме со вас со цело срце