И се заканувал со пиштол на две жени, пукал во земја и им одзел 10 денари

Поднесен обвинителен акт против 36-годишен скопјанец поради вооружено разбојништво. Имено, тој на 17 јули се приближил до сендвичарница на кејот на Вардар во центарот на Скопје, и со пиштол кој го репетирал, им се заканил на две женски лица-вработени, барајќи да му ги дадат парите од дневниот промет.
Едната жена успеала да влезе во сендвичарницата и да се заклучи од внатре. Разбојникот ја фатил за рака другата оштетена која останала надвор и го вперил пиштолот во главата и се заканувал дека ќе ја убие доколку не му даде пари. Ја претресувал по џебовите и одзел од жената 10 денари.
Кога видел дека пленот е мал, тој се обидел да влезе во сендвичарницата, но не успеал да ја отвори вратата, па испукал еден куршум во земја и побегнал во правец кон Бит-пазар. Спроти трговскиот центар „Мавровка“ тој бил совладан и лишен од слобода од страна на полициски службеници.
– Кај обвинетото лице бил пронајден пиштолот GAP со калибар од 9мм, со кој им се заканувал на оштетените. Ценејќи дека и натаму се исполнети законските основи, односно дека постојат околности кои го оправдуваат стравот дека обвинетиот ќе се даде во бегство или ќе го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, соопшти обвинителството.