Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:
Убаво е кога и светот оддава почит на македонските великани! Затоа кога по повод денот на поезијата и УНЕСКО во Париз му оддава почит на Блаже Конески, одбележувајќи ја 100-годишнината од неговото раѓање, потребно е да се потсетиме на неговите значајни мисли за јазикот и името – македонски. Имено, дека македонскиот јазик е нашата „единствена неподелена татковина“, а нејзиното име – Македонија е „големо и ќе сакаат да ни го земат“! И навистина, сè што предвиде, се случи!
И доколку би бил жив, сигурно повторно би воскликнал: „како се измеша веков, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“. А, тоа пак, памети автохтони и освојувачки легенди, безброј одгатнати и неодгатнати тајни, симболи и сведовштва, творечки патеки, борбени и ослободителни изблици на народот сè до слободна македонска држава (во рамките на југословенската заедница).
Во повоените децении, македонската република, го доживеа можеби најживиот економски и социјален раст: изградба на инфраструктура и електрификација, пристоен животен стандард, евтин јавен превоз и комунални услуги, бесплатна здравствена заштита и образование, загарантирано право на работа, едномесечно платено отсуство и што е најзначајно висока стапка на писменост и втемелена македонска национална култура, но и наука.
За разлика од ова, крајот на 20 век, покрај независноста на македонската држава бележи нова, несреќна стварност. Политичка сива зона која се одликува со бесплоден плурализам, разбиена економија и раздадени природни ресурси, осиромашено население без чувство за вредности, девастирани државни и национални институции, многу проблеми од етно-демографска и надворешно-политичка природа. Стварност… косата да ти се крене!
Овде нема визија, а народот пропаѓа, залажувајќи се дека со политичката демократија, автоматски доаѓа и економската благосостојба. Убиствена самоизмама!
Овде приличи да потсетам на една Гетева мудроста, имено: „Еден народ не смее да мисли дека дошол крајот. Губењето на имотот, лесно се надокнадува, а за другите загуби времето нè теши. Само едно зло е неизлечиво – ако народот самиот ги крене рацете од себе!“
Затоа, одржувајте здрав разум и правилно расудувајте!