И требаат ли на техничката Влада бројните и скапи советници на Заев?

Веќе десет дена во владините кабинети влегоа нов технички премиер, нови технички министри, заменици… но дали излегоа многуте советници на Зоран Заев и другите кои заминаа, а кои се на платниот список кој го подмируваат граѓаните? Ваква дилема се наметнува со оглед на фактот што советниците на доскорешниот премиер беа личен избор на Заев, а такви лица беа ангажирани и во повеќе други министерства. Односно, се поставува прашањето дали советниците и натаму треба да бидат ангажирани со оглед на тоа дека функционерот кој ги избрал веќе не е на функција, а неговиот наследник и другите членови во владините ешалони сега функционираат само „технички“?

Големите парични средства се одливаат за ваквите советници. Неодамна, на виделина излегоа податоците како за големиот број, така и за високите паушали кои уредно се исплатуваат на сметките на советниците. Илјада, илјада и двестотини евра, се сумите со кои секој месец и со години се плаќани советите за кои јавноста се прашува дали земјава видела некој аир од нив.

Прво на виделина излегоа информациите за тоа дека премиерот Зоран Заев има четириесетина надворешни советници, односно, лица со кои се склучени договори за соработка. Заедно со редовните советници, кои се постојано вработени во владините служби, тој број се движи на повеќе од шеесетина. А месечен надомест кој што го земаат дел од советници се движи околу илјада евра.

На виделина излегоа и имињата и надоместоците на советниците на министерот за надворешни работи Никола Димитров. Петмина – Виктор Габер, Људмил Спасов, Ана Чупеска, Никос Чаусидис и Фехари Рамадани со месеци добиваат надоместоци од илјада до илјада и двесто евра за да го поучат министерот меѓу другото и како Македонија да се справи со проблемот со името. Се слушна и за хонорарите кои во изминативе две години ги земал архитектот Мирослав Грчев, како советник на премиерот и во Министерството за култура: 17.000 евра за 2,5 години…

-Мене ова ми наликува на вдомување на партиските послушници на сметка на државниот буџет. Да ги плаќаат од сопствените средства сигурно не би правеле така. Ако навистина водат сметка за парите на граѓаните би го намалиле бројот на пратениците, бројот на министерствата, би ги укинале замениците, портпаролите, би ги намалиле платите. Вака, само ни се потворува од нивните претходници: дојдат ли на власт, грабаат што е можно повеќе, ни вели скопјанецот Ѓоко Младеновски.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски треба брзо да ја разреши дилемата: треба ли Македонија дебело да плаќа и понатаму за советници од кои прашање е дали населението виде аир.