Ибрахими се повлекува од челото на Алтернатива, Сали именуван за в.д. претседател

31

Вицепремиерот и иден министер за европски прашања, Беким Сали, е назначен за вршител на должност претседател на партијата Алтернатива. Одлуката е донесена на седница на Централното собрание, откако досегашниот лидер Зеќирија Ибрахими поднесе неотповиклива оставка од функцијата.

Преку јавно соопштение, Ибрахими информира дека се повлекува од челната позиција поради сопствени политички принципи, потенцирајќи дека смета оти идниот правец на Алтернатива и на коалицијата ВЛЕН треба да го креира ново раководство.

Тој наведе дека иако претходно планирал да не се кандидира на редовниот партиски конгрес предвиден за март или април 2026 година, актуелните случувања и динамиката во рамките на коалицијата ВЛЕН довеле до порано преземање на тој чекор. Со поддршка од партиските структури, за негов наследник беше избран Беким Сали, кој ќе ја води Алтернатива до одржувањето на конгресот.

Ибрахими во својата објава направи ретроспектива на повеќе од една деценија политичка активност, нагласувајќи дека оставката не произлегува од разочараност, туку од убедувањето дека се потребни свеж пристап, нова визија и обновено лидерство и во партијата и во ВЛЕН.

Како свој придонес, тој го посочи отворањето простор за нови политички концепти и дистанцирање од, како што истакна, компромитираните структури од минатото, со цел создавање нова политичка понуда кај Албанците во Северна Македонија.

Според Ибрахими, следува нова фаза во политичката консолидација на Албанците во државата, при што младите генерации треба да имаат позначајна улога. Тој потсети дека во Алтернатива биле афирмирани повеќе млади кадри, кои ги оцени како потенцијални идни носители на политичките процеси.

На крајот, Ибрахими изрази благодарност до своите соработници, до членството во Алтернатива и партнерите во коалицијата ВЛЕН, како и до своето семејство за поддршката. Воедно, упати извинување до сите кои можеби се почувствувале навредени во текот на политичките дебати, потенцирајќи дека не гледа непријатели во политиката.

И покрај повлекувањето од лидерската функција, Ибрахими најави дека ќе продолжи да биде активен во рамките на партијата и ВЛЕН, преку менторирање на младите и споделување на своето политичко искуство.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестСлаб земјотрес регистриран ноќеска во западниот дел на Македонија
Следна вестНови сезонски авиолинии: Од Бодрум до Скопје од јули