Игнорирањето на македонската археологија и фолклор е една од најкрупните грешки

Нашиот познат музички уметник Драган Даутовски смета дека во македонската археологија и македонскиот фолклор се втемелени одговорите за сето она што е од суштинско значење за државата…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

– Македонија е земјата на моите безгрижни детски години, на младешките лудории и човечка зрелост, на моите соништа. Земја во која го создадов и воздигнав моето семејство, земја во која се наоѓа мојот дом. Земја во која ги оставам неизбришливите траги на моето постоење како уметник, педагог, научник. На Македонската почва се изнародиле многу генерации (за денешниве не сум баш убеден) на истакнати културни дејци, писатели, поети, сликари, музичари, народни уметници. Сите нив ги краси безусловната љубов кон Македонија и силно интелeктуално и слободарски искажаната определба за славење на се што е врзано за земјата во која живеат и творат. Кога ќе кажете Македонија пред очи ви излегуваат слики на исклучителна хармонија од бои коишто народниот гениј со голем усет ќе ги втаке во носиите како културен белег на сопствениот национален идентитет. Кога ќе ги чуете звуците на кавалот, гајдата, тапанот во истиот миг сте изложени на архаични звуци коишто низ времињата коишто изминале неизбежно го пратат културнио-емотивниот развој на Македонецот.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните  30 години?

– Македонија поседува пребогата ризница од трансгенерациски наследени искуства и вредности од една, но за жал и необјаснива духовна и културолошка сиромаштија, од друга страна. Една од најкрупните грешки која постојано се провлекува (почнувам да верувам намерно, или под политички притисок сеедно) е игнорирањето на македонската археологија и македонскиот фолклор на пример, а тие се носителите, или ако сакате, чуварите на единствената вистина. Во нив практично се втемелени одговорите на сите поставени и непоставени прашања, а по основ на сето она што е од суштинско значење за државата.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

– Навистина е тешко да говорите за себе, но ќе речам ДА! Резултатите од моето повеќедецениско образовно, културно и научно дејствување во Македонија и надвор од неа, се лесно проверливи. На образовен план говорат генерациите студенти излезени од Факултетот за Музичка уметност во Скопје. На творечки план повеќе од 600 композиции и обработки на македонски традиционални напеви, музика за театар. Листата од концертите на македонската и светската сцена со ДД Синтезис и Драган Даутовски квартет е навистина голема и сметам дека непотребно ќе го оптеретам овој даден простор.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Со македонската традиционална музика, но и со современата музичка сцена која се надевам ќе смогне сили повторно да покрене културна револуција, како што се случи кон крајот на 90-те години од минатиот век. Со успесите на моите студенти, но и на моите деца (Ратко и Драгана) коишто истотака се вклучени во културниот и музичко-образовниот живот во Македонија. Се разбира тука е и мојата сопруга Мони, која ми е најголемата поддршка.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

– Ми недостасува почитување на индивидуалниот интегритет, кој за жал не е во состојба ништо да и одземе на државата, мислам на повеќепартискиот систем и демократски парламентаризам, коишто скоро целосно го отфрлаат индивдуалното размислување, а со тоа и влијание врз она што се нарекува политичка заедница, или партија сеедно, која се декларира дека ги застапува интересите на своите гласачи. Еден познаник кој милува постојано да ги толкува термините и кованиците, за демократијата како форма на државно уредување вели: Демократија? Тоа ти е ДемокраТИЈА. ТИ и ЈА трет нема. Ние како ќе се договориме. Интересно!

Во каква Македонија сакате да живеете?

– Јас си живеам спокојно и со дигнитет во мојата држава Македонија, колку тоа да изгледа чудно во овие немирни и несигурни времиња.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– По основ на првиот дел од прашањето прилично сум запознаен со моите права и должности како даночен обврзник, но што се однесува пак до вториот дел, за воља на вистината не сум баш добар соговорник. Причината е што прашањето не допира до сферата на мојот интерес. Ако ме прашате дали властите вложуваат во културата, образованието или науката, мојот одговор ќе биде негативен. Јасно е дека институциите на власта ги трошат средствата, а конкретно на што, одговор можат да дадат само аналитичари и експерти од областа на економијата и политичарите. Иако на последните не им верувам.

Претходна вест30-годишнината од „Интерфест“ посветена на Блаже Конески
Следна вестЗошто за градоначалници не се кандидираат и архитекти?