ИЈЗ: За една недела дури 27 отсто повеќе починати од ковид од претходно

Во периодот од 29 март до 4 апил во земјава се регистрирани 7.933 нови позитивни случаи на корона вирус од 35 градови, со зголемување од 6,9% во однос на минатата седмица, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Но она што загрижува и каде има најголем раст е смртноста – 260 смртни случаи од 27 градови, или 27,5% повеќе во однос на минатата недела.

Во однос на возраста, 215 лицa биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50-59 години, 13 лица од возрасната група од 40-49 години, 4 лица од 30-39 години и едно лице од 20-29 години.

Најголем дел од регистрираните нови случаи на заболени се од Скопје (3.534; 44,5%).

Најмногу се лица на возраст над 60 години (n=2.392, 30,2%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=1.422; 17,9%), 30-39 (n=1.414; 17,8%), 40-49 (n=1.313; 16,6%) и 20-29 (n=917; 11,6%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=94; 1,2%) и 10-19 години (n=381; 4,8%).

Откако почна вакцинацијата, на 17 февруари, заклучно со 4 април се вакцинирани 7.009 здравствени работници со прва доза и 4.413 со втора доза на вакцина против ковид-19.

Од 31 март почна вакцинација на населението за лицата над 77 години и заклучно со 4 април вакцинирани се 1.968 лица.