Им помагаме на лицата со ХИВ во битката против вирусот и стигмата

Првото сознание дека се има ХИВ-вирусот кој што подоцна може да ја предизвика и опасната болест СИДА секако дека е шок за секого. Во такви моменти тие лица немаат голем број на луѓе со кои би го споделиле тешкиот проблем и од кои би добиле совети. А токму една таква мисија ја има Здружението за подршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ – да им се помогне на луѓето инфицирани со овој вирус. Здружението постои од 2009 година како група за поддршка на десетина лица со овој вирус со цел да си даваат меѓусебна поддршка, да споделуваат лични искуства, споделувањето на дијагнозата со блиските, притисокот на стигмата… Групата до 2013-та година делува во рамките на здружението ХЕРА а оттогаш како независна заедница на луѓето што живеат со ХИВ и нивни блиски поддржувачи.

-И тогаш и денес, во нашето здружение членуваат луѓе кои се исклучително различни. Имаме и жени и мајки, и хетеросексуални мажи и геј мажи, и Албанци, Роми, покрај Македонци; и млади и возрасни лица…. Денес нашето здружение брои 30-тина членови, ни објаснува Андреј Сених, извршен директор во Здружението.

Во изминативе години и сега тие имаат бројни активности: ги поддржуваат лицата со ХИВ со психосоцијална и правна поддршка, им помагаат да дојдат до терапијата, делуваат да се подигна јавната свест за намалувањето на стравот и стигмата кон овие лица, овозможуваат бесплатни тестирања…

-Македонија е земја со мошне ниско ниво на епидемијата на ХИВ. Денес има околу 300 пациенти што се лекуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Нашето здружение дава директни услуги за поддршка на 80-90 лица со ХИВ. Меѓутоа, последните проценки говорат дека околу 35 проценти од луѓето што живеат со ХИВ не се свесни за својот ХИВ-статус. Тоа би можело да значи дека во овој момент во земјата може да има околу 100 до 200 или можеби и повеќе лица што не направиле ХИВ тест и не знаат дека го добиле вирусот. Глобална цел е до 2020 година, процентот на луѓе што не се свесни за својот статус да се сведе на помалку од 10 отсто од вкупниот проценет број на лица што живеат со ХИВ во дадениот момент, потенцира Сених.

Тој додава дека, за жал, кај нас се уште многумина не знаат дека постои ефикасна терапија за оваа инфекција или дека воопшто постои терапија.

-Можеме и да ги охрабриме луѓето со ХИВ да бидат послободни и можеби да ни го споделат својот ХИВ-статус, доколку во нашата секојдневна комуникација во средината покажеме дека сме доволно информирани за ХИВ, дека немаме ирационални стравови и дека немаме предрасуди кон луѓето што живеат со вирусот, наведува Андреј Сених.

Во наредниот период тие планираат зголемени активности и поголемо инволвирање на млади лица, особено од клучните популации засегнати од ХИВ, во активностите за превенција, едукација и зголемување на културата на редовно тестирање.

Тестирања и собирање помош

Здружението ќе има и повеќе активности за 1. Декември, Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА.

-Во неделата пред 1 Декември кој е Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА се приклучуваме на една широка Европска иницијатива за тестирањето за ХИВ и други сексуално преносливи инфекции. Тестирањето ќе може да се направи во нашите простории секоја среда и сабота помеѓу 17:00 и 20:00 часот. Подготвуваме и информативно видео, кое ќе биде пуштено на социјалните мрежи во тој период. Пригоден настан ќе имаме и на 29 ноември во кафе-бар Шортбас каде ќе се собираат и донации за фондот за поддршка на лица со ХИВ, наведуваат во „Заедно посилни“